Левица – Струга: Коалицијата СДСМ-ДУИ чува во фиока 300 решенија за уривање дивоградби

„За криминалната коалиција кое владее во Струга и урбанистичката мафија говори фактот што, иако градежните инспектори имаат изготвено 329 решенија за уривање дивоградби, ниту едно решение не е процесуирано.

Дури 44 од незаконски изградените објекти се во крајбрежниот заштитен појас. Се работи за решенија кои се издадени во период од 2011 до 2021 година, што јасно покажува дека ниту претходната локална власт не направи никакви напори за сузбивање на криминалното дивеење на поединци.

За беззаконието кое со години се толерира во Струга говори и тоа што 4.040 дивоградби треба дополнително да се отстранат, бидејќи им се одбиени барањата за легализација. За немањето политичка волја да се воведе урбанистички ред и планско градење покажува фактот што општина Струга, која е пренатрупена со партиска администрација, има само ЕДЕН ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОР!

Сето ова придонесува за загрозување на биодиверзитетот на Охридското езеро како едно од најстарите езера во Европа, за чии трајни последици постојано алармираат експертите. Дополнително, со ваквото незаконско градење директно се дискриминираат сите граѓани кои своите давачки ги подмириле согласно законските прописи.

Струга повеќе не смее да биде синоним за криминал, корупција и владеење на неколку заштитени поединци. Во Советот обичниот народ треба да има претставник кој ќе ги брани неговите интереси и ќе ги разобличува криминалните договори и поткупи, кои се на штета на обичниот граѓанин.

Конечно, после 17-ти октомври, како и во Парламент, така и во Советот на Струга, претставниците на Левица ќе продолжат со бескомпромисната борба против корумпираните партии на естаблишментот што го уништија сјајот на Струга.” – стои во реакцијата на локалниот огранок на Левица во Струга.