Апасиев: Апел до неопределените

Колумна на претседателот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев.


Учеството на овие Локални избори2021 за нас е голем предизвик, оти – да бидеме реални – шансите тоа да се случи во скоро во 40 општини, пред само неколку години беа многу мали. Деца на стечајци и фабрички работници од погоните на транзициските профитери, родени и израснати во скромни животни услови, како мнозинството од овој народ,не добиваат премногу често таква политичка можност.

Затоа, на овие избори влегуваме освестени дека нашата приказна е всушност приказната на најголемиот дел од нашиот народ и дека оваа можност им ја должиме на оние кои се бореле пред нас и на оние кои се борат заедно со нас – за да имаме свој дом и своја држава.

Грижата едни за други, е она што нѐ прави луѓе

Она што нѐ разликува од сите други е верувањето во Солидарноста како принцип, верувањето дека сите ние сме дел од еден народ!

Ако има барем едно дете во Македонија кое нема услови да учи, тогаш неписменоста нѐ жигосува сите – иако не е лично наше дете.

Ако има барем еден остарен човек кој е немоќен да се грижи за себе и живее во мизерија, тоа сите нас нѐ прави сиромашни – иако не е нашата баба или дедо.

Ако има барем еден бездомник на улиците, тогаш сите сме без дом – иако имаме кров над глава.

Одамна домашните окупатори ги уништија принципите на солидарноста, на братството и единството, притоа премолчувајќи дека само кога делуваме во заедница, делуваме како луѓе.

Не дозволувајте да ви го убијат Духот

И додека ова го говориме, неуморните трагачи по „ПОВЕЌЕ“ – повеќе профит, повеќе луксуз, повеќе згради, повеќе увезено ѓубре, повеќе токсичен мазут… работат на агендата да нѐ поделат, преку нивните купени медиуми, лажни вести, соросписки „фактчекери“ и забревтана енџио-пропаганда. Да нѐ убедат дека не можеме. Дека нема да успееме. Да ни го убијат Духот!

Нашата порака до нив е дека не постои „Наша Земја“ која му припаѓа на СДС, ниту „Северна“ која ќе ја наследи ДПМНЕ – туку само Република Македонија на сиот македонски народ, со истите човечки потреби, обединет братски во Борбата за својата светла иднина и иднината на своите деца.

Како што ни требаат современи училишта во Западна, така се потребни и во Источна Македонија.

Како што ни треба модерно и бесплатно лекување во Скопје, така ни треба и во Штип и во Тетово, и во Велес и во Гостивар, и во Делчево и во Дебар.

Како што ни треба чиста вода за пиење и наводнување во Могила, така ни треба и во Шуто Оризари.

Ние сме еден демос, класно освестен плебс кој тврди дека е популус – сите со истите потреби, сите со истата љубов за ближните, сите со истиот потенцијал за развој.

Овие избори не се само за шахти и канализации

Овие избори се избор помеѓу апатијата или граѓанската партиципативност; помеѓу „легнувањето на брашното“ или пркосот против внатрешните квислинзи, помеѓу наместените тендери од башибозукот на властодршците или народниот порив за ред, правда, закон и поредок; помеѓу безнадежноста или политиката на Надеж!

Тоа е надежта на родителите дека детето ќе стигне безбедно на училиште; надежта на младиот човек за личен развој и фер шанса за вработување; надежта на брачниот пар за создавање потомствотука; надежта на нашите баби и дедовци да си ги пораснат внуците и да им раскажуваат приказни од својата младост… надежта на секој еден човек, дека во Македонија има место и за него!

Ако немавме надеж пред само една година, ако не верувавме, ако не го сакавме тоа, сигурно немаше да им влеземе во Собрание. Прво нѐ игнорираа, потоа ни се потсмеваа, нѐ напаѓаа под појас, а сега… – сега ни се плашат! И со право, оти видоа дека не се откажуваме, дека не потклекнуваме и дека не се предаваме, ниту продаваме.

Системот е гнил, но може да се ресетира

И сега, одвнатре, гледаме колку СИСТЕМОТ е гнил. Нивните институции се како меур, жива рана полна со корупција! Гледаме дека судбината ни е во рацете на криминалци во костуми и расипани клептократи, кои не ги интересира ништо друго, освен личното богатење. Но, исто така, видовме и дека е возможно да го блокираме и ресетираме истиот тој систем. Дека, полека, но сигурно, можеме да ја обновиме Републиката! Сега знаеме и како – потребна е храброст, политичка волја и повеќе чесни луѓе внатре. Да им влеземе во институциите и да го вратиме суверенитетот на Народот.

Ако со двајца пратеници во Собранието им станавме кочничари на криминалот и нивните бизнис-дилови, замислете си што можеме со по пет или десет советници и градоначалници по општините.

Почнавме да им ги матиме сметките. Да им застануваме на патот. И така мора да продолжиме, за конечно да им ја одземеме лажната моќ.

Ако сега се откажеме, Историјата нема никогаш да ни прости

Ниту еден народ не победил во Битката за својот живот преку откажување и беспомошност или чекајќи месија да го спаси. Нам не ни треба народ кој клечи, туку народ кој се бори! И затоа, сега е време да се запрашаме: Што е она што сме подготвени да го направиме самите, секој од нас, за да ги промениме условите во кои живееме?

Секој свесен човек, кој ја презира состојбата во која се наоѓаме и сака нормални услови за живот, треба да почне од себеси. Дефетизмот не е решение. Апатијата е контрареволуционерна!Ние не го прифаќаме тој лузерски светоглед, тоа губитничко неверување.

ДУХОТ на нашиот народ во минатото нѐ довел до големи успеси. Жртвувале многу, но многу и добиле. Нашите градови и села не се изградени од оние кои кревале раменици и ја веднеле главата долу. Не! Оваа земја е создадена од оние кои решиле да се борат, за да одат напред.

Ние избравме да се БОРИМЕ! Не затоа што е лесно, туку затоа што е тешко! Ова е генерацискиот предизвиккој сме спремни да го прифатиме и цената која сме спремни да ја платиме.

Зошто ова ни треба?

И, често, луѓето нѐ прашуваат: „Ама ЗОШТО, зошто ви треба ова“!?

Затоа што ни здодеа само да гледаме отстрана како царува идиократијата на неспособните.

Затоа што овде и сега се случува нашиот Живот и тој си одминува, минута по минута.

Затоа што не сакаме веќе да преживуваме, туку да живееме!

Затоа што нашите проблеми се креирани од нечесни луѓе и само чесни можат да ги решат.

Повик до добрите граѓани

Затоа наши другари, соборци и сонародници…

Ако можеме да ја сочуваме чесноста, кога сите околу нас ја продаваат;

ако можеме да ја говориме вистината, кога другите лажат;

ако можеме да сонуваме за подобро утре, без да бегаме од реалноста;

ако можеме да останеме скромни, кога другите ги обзема алчноста;

ако можеме да веруваме, кога сите други се сомневаат – тогаш сме на вистинскиот Пат.

Ако се спасени принципите, сè е спасено

И затоа, за неполна година по влезот во парламент, прераснавме во најбрзорастечкото левичарско движење во Европа. Оти ги спасивме принципите и тогаш кога ги изгубивме парите. А ако се спасени принципите, сè е спасено!

Лавината наречена ЛЕВИЦА веќе е невозможно да биде запрена. Семето на Отпорот е посеано на плодна почва. Од длабочините на гнилежот се издига спасителната кауза – прочистена, свежа и неподмитлива.

БОРБАТА мора да продолжи

И затоа, Борбата мора да продолжи!

Со нови сили – на различни фронтови.

Во Македонија може подобро да се живее!

#ОпштинитеЗаНародот

#ЛевицаВоСоветите

#ЗаокружиБрој15