Исмаил: Со внесувањето на Бугарите во преамбулата – Македонија станува втора бугарска држава

Членот на президиумот на Левица – Реџеп Исмаил (Хактан) во колумна за Фокус пишуваше на темата какви ќе бидат последиците од внесувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав. Според него, со вметнувањето на Бугарите помеѓу овие народи, Република Македонија станува држава и на бугарскиот народ.

Според сегашниот текст на Преамбулата, Македонија е држава на македонскиот народ, но и на дел на останати народи. Со вметнувањето на Бугарите помеѓу овие народи, Република Македонија станува држава и на бугарскиот народ. По Република Бугарија, втора држава на Бугарите. Имено, Бугарија е очигледно добро запознаена со нормативната рамка во Република Македонија, која во поглед на поттикнување на културните права на своите малцински народи го има сигурно најповолното законодавство во Европа.

Во продолжение Исмаил додаде дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе донесат голем број на негативни последици заради специфичниот модел на интеграција на етничките заедници кој го има државата. Во крајна линија ова би можело да доведе до ситуација луѓето да се пишуваат како Бугари само заради вработување во државна институција. Ваквата пракса за жал постои, каде Македонците се принудени да се изјаснат како Албанци заради задоволување на Балансерот.

Со Уставните измени, Република Македонија би се обврзала да презема државни мерки за остварување, унапредување и заштита на еден куп вакви права на „македонските Бугари“. Не дека во моментот тие кои се идентификуваат како Бугари ги немаат овие права, но државата не е воопшто обврзана да презема позитивни мерки за унапредување на „културните права“ на Бугарите и за истото да издвојува средства од државниот буџет.

На крај членот на президиумот на Левица заклучува дека ова ќе биде дополнителен допринос во спроведувањето на тиранија над мнозинството, што покрај надворешното, ќе биде овозможено спроведување и на внатрешно (институционално) бугарско влијание во Македонија, кое ќе се плаќа со парите на граѓаните.

Кога се однесува за малцинските права кои ги обезбедува Република Македонија – де јуре етнифицирана демократија (институтите бадентер и балансер), од една страна, и дефактно федерализиран (бинационален) политичко-административен систем, од друга – мора да сме свесни дека сето ова, од идејата за заштите на малцинството од мнозинството, доведе до класична тиранија на малцинството над мнозинството. И сето ова како алатка за диктат на малцинските политики Бугарија како ќе го користи, да не бидеме наивни.