Концерт џез трио Кондовски / Дробицки / Омерагиќ во КИЦ

На 29.6 (четврток) со почеток од 20 часот во Културно информативен центар Скопје- Салон 19:19 ке се одржи КОНЦЕРТ ЏЕЗ ТРИО Кондовски / Дробицки / Омерагиќ

Џез трио: Кондовски, Дробицки и Омерагиќ е неконцептуален современ и слободен џез стил во комбинација на фразирање во стилот на класичната музика и импровизации. Импровизациите создаваат композиции конструирани во зададена форма. Издадени се два музички албуми: “Away” и “Outcasts” за издавачката куќа: PMGJAZZ.
Албумите се приказни искажани преку музика и генерално раскажуваат четива за имиграцијата, за напуштените домови, за анксиозноста и напуштање на младите луѓе за подобар свет, воедно и отпадништвото на уметниците кои се трудат да ја подигнат културата како на глобално, така и на локално ниво.
Стилот на неконцептуалност е креирана во слободните импровизации, паралелно со тоа се доловува и приказната за слободното делување како и одговорноста на самата слобода во нас, како луѓе, а пред се како уметници. Културата која се создава преку уметноста треба во себе да ја носи анархичноста при која слободно делуваме, а при тоа создаваме и свесност за одговорноста од слободата на делување. Самите албуми и импровизацијата е со кој македонската публика ќе има можност да слушне е еден поразличен вид на современа музика и карактеристика која наликува на современите камерни состави.
Концертот е втор во серијалот unplugged концерти кои ќе ги реализираме во Салон 19:19 во рамки на годишната музичка програма на Културно информативен центар – Скопје за 2023 година.

* * *
Глигор Кондовски (виолина)
Дипломира на Факултетот за музичка уметност, Дипломира на вториот Факултет за драмски умености при Тетовскиот универзитет, филмска и ТВ режија. Магистрира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Филмско и ТВ сценарио, кај Проф. Д – р Сашко Насев. Моментално е вработен како наставник по виолина во ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” во Тетово. Покрај неговата успешна педагошка дејност со награди и успешни ученици, има издадено седум амбиентални музички албуми кои се продаваат на светските музички платформи: “Crumbly Secret” 2008, “Flown letters” 2012 и “Around the bend” 2019. Во 2008 година негова композиција “Green dance” се најде на компилационо цд под наслов “Imamo dobro glasbo” издадено преку радио Вал202 при РТВ Словенија. За македонската дискографска куќа: “Шарла” издава три музички албуми: “Here”2020, “Beseda”, 2020, (live contemporary jazz improvisation), “Hover”, 2021. За македонската дискографска куќа: ПМГ ЏЕЗ, ги издава музичките албуми: “Nightscape”, 2021 (со Владан Дробицки – тромбон), “Разгледи”, 2022 (со Владан Дробицки – тромбон и Марија Каева – вокал), Џез трио албум: “Away”, 2022 (Глигор Кондовски – виолина, Владан Дробицки – тромбон, Дени Омерагиќ – Контрабас).
Владан Дробицки (Тромбон)
Роден 1971 во Јесеник, Чешка Република. Основно музичко образование завршува во МБУЦ Илија Николовски-Луј, каде матурира. Дипломира тромбон во класата на проф. Јорго Стефановски. Почнува со работа во оркестарот на Македонската Опера на место прв тромбон. Во исто време го основува џез бендот Сетстат со кој остварува до сега 10 авторско-самостојни изданија. Долгогодишен член на ревискиот оркестар на МРТВ, а последните години и неформален шеф на ансамблот. Член на Градскиот дувачки оркестар на град Скопје. Основач на Прилеп Џез Викенд фестивал и селектор на програма на истиот до 2017 год. Долгогодишен член на УО на ММИ (агенција за остварување на изведувачки и продуцентски права во РМ). Член на оркестарот на ЗЈМ. Активен како музичар-тромбонист во бендот Сетстат, со кој ја промовира џез музиката низ помалите градови на Р. Македонија. Во 2019 станува дел од електро-џез составот Кантон6 со кои има издадено еден во живо и еден студиски албум и бројни концертни и фестивалски настапи во земјава и регионот. Од 2018 година во партнерство со Мирко Попов и ПМГ Рекордингс почнува да се занимава со продукција и издавање на македонска џез музика преку основањето и работата во лејблот/платформата ПМГ Џез (PMG JAZZ).
Дени Омерагиќ (контрабас)
Мулти – инструменталист и продуцент, најпрепознаен по неговата работа со групите: “Светлост” и “Fighting Windmills”, како и по соработките со низа припадници на македонската алтернативна и авантгардна сцена. Тој е предводник и на оркестарот “Светлост + Odron Ritual Orchestra”, чии албуми во 2019 и 2021 доживуваат светски критички успех. Учесвтува како автор на повеќе од 20 дискографски изданија на издавачки куќи како PMGJAZZ, SJF Records, Шарла, Канал 103, Ако никој не свири и др.