Уапсен Асанж од британската полиција

Денес беше уапсен основачот на ВикиЛикс, организацијата за откривање на владини криминали – Џиулијан Асанж. Еквадорскиот претседател (иронично крстен) Ленин Морено му го укина азилот, по што британските џандари влегоа во еквадорската амбасада во Лондон, го извлечкаа и уапсија.

Асанж ги помина последните 6 години во еквадорската амбасада во Лондон. Неговите правни маки започнаа кога жена од Шведска го обвини за сексуално малтретирање. Шведските власти пуштија европски налог за апсење кој го изврши британската жандармерија. По пуштањето на кауција, Асанж одлучи да бара политички азил бидејќи според него обвинувањата се исценирани и со политичка позадина. Ова и не звучи неверојатно ако се земе во предвид фактот што познати личности во САД и Европа за кои со сигурност се знае дека се виновни за слични дела шетаат на слобода. За време на неговиот престој во амбасадата здравјето на Асанж се влоши, но, поради одбивањето на гаранција од британските власти дека нема да го уапсат ако оди да се лекува, неговите опции беа лимитирани.

Потегот на Еквадор не изненадува ако се земе во предвид скорешната „позајмица“ од Светскиот Монетарен Фонд во износ од 4,2 милијарди долари. Морено, иако водеше кампања базирана на левичарска политика и самоопределување, се покажа како поголема марионета на Западот од неговите (навидум) подесни еквадорски политички колеги, нешто слично на грчкиот Алексис Ципрас.

Асанж е одговорен за објавување на голем број класифицирани информации кои ја покажуваат криминалноста и бруталноста на режимот на САД. Меѓу поистакнатите случаеви е оној на Челзи Манинг, поранешна членка на американските воени сили која беше осудена на 35 години затвор поради нејзиното „свиркање“. Иако, во 2017, претседателот Обама ја помилува Манинг, таа сега повторно е во притвор (и тоа во самица!) поради одбивање да сведочи против ВикиЛикс.

Транспарентност во империјалистички стил.