Во државава поскапува се, само здравјето е џабе или кој и зошто не труе со храна?

Од една Влада на држава се очекува да го штити здравјето и интересите на своите граѓани. Но за жал во нашава држава грижата за здравјето на граѓаните е на последно место. Имено, во време на светска пандемија, кога штитењето на имунитетот треба да биде приоритет, оставени сме цели 9 месеци без мониторинг на здравствената исправност и безбедност на храната. За што станува збор?

Пестицидите во бебешката храна, зеленчукот и овошјето, тешки метали имикотоксини во овошје, зеленчук, житарки и нивните производи, материјали кои доаѓаат во контакт со храната, готова храна од сендвичари и слаткарници, органски произведената храна ГМО и додатоци во исхраната и слично. Веќе 9 месеци наназад (од почетокот на 2021) никој не ги мониторира!! Замислете, во ек на светска пандемија, храната која е основен фактор за здравје и болест, оставена е без никаков надзор од страна на државата. Каква неодговорност кон здравјето на македонските граѓани од страна на надлежните институции.

Владите, насекаде во светот, имаат клучна улога во поставувањето политика и обезбедувањето законодавство кое утврдува минимални безбедносни барања за прехранбените производи,  како и стандарди кои бизнисите со храна мора да се исполнат.  Со спроведувањето на националните програми за надзор и следење на храната,  владите можат да проверат дали воспоставените контроли се доволни за одржување на безбедно и здравствено исправно снабдување со храна.

Целта на мониторингот на храна е да се заштити јавното здравје!!!

Што се случува кај нас? – Владата, многу повеќе се грижи за бизнис интересите на поединци, од колку за здравјето на граѓаните. Имено, во желба да се додвори (читај: да им потфрли тендерче) на новоформираните приватни лаборатории за испитување на храна, а истите не се кадарни да се носат во трката со веќе етаблираните државни лаборатории (кои надлежните сакаат да ги исфрлат од игра, во интерес на приватни интереси), а во неможност да ги победат истите на тендер, тендерот постојано се руши, а резултатот е ние сме држава во која храната никој не ја контролира веќе 9 месеци и граѓаните немаат појма колку (не)квалитетна храна консумираат.

Во нашата држава постојат три државни лаборатории во кои се испитува храната според стандардите и барањата на ЕУ.

Тоа се Републичкиот завод за здравствена заштита, Факултетот за ветеринарна медицина и Лабораторијата за фитосанитарна заштита. Сите овие лаборатории работат под постојан мониторинг на соодветни агенции на ЕУ, со обучен и стручен кадар, со најсовремена опрема и со по стотина акредитирани методи кои редовно  се контролираат од меѓународни независни аудитори.  

До пред неколку години овие лаборатории се грижеа за мониторингот на храната и здравствената исправност и безбедност. Но, со доаѓањето на СДСМ на чело на Агенцијата за храна и ветеринарство,  започна (и продолжува во континуитет) разнебитувањето на овој многу значаен сектор.

Имено, под превезот на либерализација на пазарот на лабораториски анализи се дозволи отварање на лаборатории од странски, но и домашни инвеститори, кои челниците на АХВ започнаа да ги фаворизираат. Една од приватните лаборатории кои АХВ ги фаворизира има сопственик (од една соседна земја), кој замислете, има забрана за вршење на соодветната дејност во неговата земја!!! Кои се тие бизнис интереси, ставени пред здравјето на македонските граѓани, што еден ваков (благо кажано) сомнителен лик во сопствената земја, го фаворизираат во нашата земја наспроти проверени и докажани ДРЖАВНИ институции со знаење и искуство.

Се поставува многу логично прашање: Зошто и за чиј интерес, поединци поставени од државата ги рушат државните капацитети, наместо истите да ги унапредуваат, особено кога станува збор за јавното здравје?? Наместо пандемијата и последиците од истата да ни покаже колку јавното здравје треба да биде од интерес на државата и колку истото треба да се јакне, ние имаме спротивни процеси.

Сведоци сме од постојани лични искази на граѓаните, колку дел од приватните лаборатории (кои преку ноќ ја сменија својата дејност и влегоа во здравствениот бизнис), прават грешки и издаваат неточни резултати при тестирањето на Ковид-19. Наместо да се запре оваа практика, таа сега се проширува и на испитувањето на храната. Тука се поставува уште едно прашање: Како АХВ има доверба во во резултатите на приватните лаборатории кои немаат акредитирани методи за анализа, па примероците ги препраќаат во странски лаборатории на сметка на комитентите, додека во државава постојат акредитирани лаборатории за истите тие методи?? Парадоксот е што за изборот на лабораторија на мониторинг на храна АХВ не бара никакви критериуми (просторни, кадровски, методолошки, техничко-технолошки итн). Затоа, логично се наметнува прашањето, врз основа на кои критериуми поединци од АХВ финансиски ги оптеретуваат производителите и увозниците на храна? – Замислете, се работи за здравјето на нас и нашите деца, за здравствената исправност и безбедност на храната што ја јадеме, дури и на бебешката храна, а АХВ не бара никакви критериуми за учество на тендер за лабораториски услуги за мониторинг (ни просторна, ни кадровска, ни било каква друга опременост опременост), освена кредитиран метод и најниска цена. Па затоа, не зачудува, бројот на погрешни резултати, оти само хартија и тонер за печатење се евтини, додека анализата на примерокот чини доста (и реагенси, и труд и време и опремаи знаење). И затоа многу загрижува појавата на постојано уништување на државните капацитети на штета на граѓаните и јавното здравје.

Во тие државни капаците се инвестирало многу, и опрема и кадри се со цел да се обезбеди пазарот на храна и јавното, нашето, здравје… и сега одеднаш тоа треба да се уништи само поради интересите на мал број на луѓе, а на штета на сите нас. За кого е посладок тој приватен капитал? – наспроти интересот за иградба на систем во интерес на сите граѓани. Дали и со хранат треба да се случи исто како со шумските пожари? Ќе чекаме ли да се појави следно големо труење со храна, па да реагираме? А дотогаш, со вакво недомаќинско работење државните лаборатории ќе ги уништиме, па ќе бараме помош од странски експерти и ќе се чудиме на нивото на нивна опременост и знаење исто како што се чудевме на австриските и словенечките пожарникари.

Резултатот на ваквото бахато однесување на АХВ е дека храната која доаѓа на нашите пазари веќе нема следливост од домашните власти, потрошувачите никогаш нема да се сигурни во тоа што го јадат, ќе остане простор за манипулација со здравствената исправност и безбедност на храната, државниот интерес и интересот на граѓаните ќе зависи од свеста и одговорноста на приватните лаборатории. Државните лаборатории во недостиг на средства и  анализи ќе започнат да пропаѓаат и пазарот, многу веројатно, ќе се претвори во депонија на секаков вид на храна со непроверено потекло и квалитетна штета на нашето и здравјето на нашите деца.

Станува повеќе од очигледно дека уште еднаш се тргува со општото добро за приватни интереси, при што буквално во залог се ставаат здравјето и квалитетот на живот на граѓаните на државава. И на крај уште една дилема, дали општиот тренд за негрижа за јавното здравје и храната која ја консумираме игра голема улога во енормната смртност од ковид која ја сведочиме секој ден?