Кираџиева: До промени се доаѓа со политичка волја и храброст

Кандидатот за градоначалник во Општина Аеродром од редовите на Левица, Весна Кираџиева, во дебатната емисија на телевизија Телма истакна дека кандидатите за градоначалници од владејачките партии не се амнестирани од штетата (која е направена) и одговорноста (која треба да ја сносат) за постапките на претходниците од нивните партии.

„Проблемот е што постојано сите кои веќе биле дел од оваа општина, без разлика од која претходна власт, сите се изолираат од она што се случува моментално во Аеродром. Сите сме дојдени тука како претставници на своите партии и не е во ред да се изолираме од она што досега се случувало. Не можете да се тргате настрана и да кажете дека она што се случува моментално во општината е само на еден човек или само на едни советници. Од друга страна, ние доаѓаме како партија која нема претходен багаж и криминално досие.”

Кираџиева смета дека стабилен секојдневен живот е возможен. Но за тоа потребно е властите да работат одговорно, а резултатот ќе дојде со тек на времето. Таа нагласи дека нејзината борба ќе биде насочена токму кон намалувањето на непотребните секојдневни стресови.

Мојата борба сакам да резултира во елиминирање на непотребните секојдневни стресови со кои сите се соочуваме – од сообраќаен метеж, до немање паркинг простор; од затворени шалтери, до чекање редови и враќање дома со повторно незавршени основни обврски дури и за наједноставни работи како вадење на личен документ; од немање зелени паркови до рекреативни и културни центри за активности на цело семејство… Промена на сето она, кое наместо секојдневна вообичаена работа за сите нас, претставува огромен стрес, наметнат насила како “нормално“, а се одвива со кочници и препреки, поради коруптивни и некомпетентни кадри на клучни работни позиции со голема моќ на одлужување. Промените не се нешто невозможно! До нив се доаѓа пред сѐ со политичка волја и храброст!