Лозарите и лозаропроизводството – жртви на погрешната политика на државата

Пишува Универзитетскиот професор Златко Арсов, кандидат на Левица за градоначалник на Општина Велес.

Состојбата со откупот на винското грозје кулминираше пред вратите на АД Тиквеш Кавадарци. Измачените лозари од Тиквешијата, не можејќи веќе да ги трпат неправдите и потценувањето на нивниот труд што се случува во континуитет, со години наназад, го истурија грозјето пред портите на ВВ Тиквеш, и масовно протестираа.

Оваа година климатски услови беа поволни за лозарското производство, а хидросистемот Тиквеш постојано имаше вода. Сега проблемот се шеќерните единици, не биле над 20. Се заборава дека последните 5 години наназад просечната откупна цена на ниво на Македонија за најмногу одгледуваните вински сорти изнесува во просек 13,00 ден за вранецот и 11 ден за смедеревката.

Да потсетиме: во последните 5 години цените на вештачките ѓубрива и неопходните заштитни средства се зголемени за околу 100%, а цената на дизел горивото кое е неопходно за изведување на сите агротехнички активности од 2016 година па до сега е зголемена за најмалку 30% (најмногу благодарение на зголемувањата на акцизите, дело на првиот министер за финасии од владата на Заев, Тевдовски кој сега е во странство, на добро платена позиција).

За вранецот и смедеревката како најзастапени сорти, трошоците за производство на еден килограм грозје се 10 – 11 денари. Оваа цена варира во зависност од бројот на прскањата, полевањето, бројот на орања, аргати за берба итн. Ако се стави и работната рака на лозарите, односно трудот вложен од целото семејство, трошокот за производство на еден килограм грозје надминува 13 денари.

Со субвенциите се покрива дел од трошокот, тие се оние неколку денари заработка, средства недоволни да се живее, а никако и да се реинвестира во лозаропроизводството. Поради ниските откупни цени многумина од помалите производители на грозје ги запустија лозовите насади. Голем дел од лозовите насади се веќе застарени, минимална е обновата со нови насади. Типичен пример е реонот на Велес каде се обработуваат само поранешните плантажи од АК Лозар и дел од помалите лозови насади. Барањата на лозарите се оправдани, тие не бараат којзнае што, тие бараат минимална откупна цена од 15 ден/кг.

Државата очигледно ни најмалку не води сметка за земјоделците, ниту пак води соодветна аграрна политика, затоа дозволува лозарите и другите производители да бидат брутално ограбувани од откупувачите. Зар треба се запустат сите обработувани површини, а земјоделците да продолжат да работат по лозјата во Италија и другите европски држави за да сфатат дека заработувачката мора да се дели соодветно, а не едните да градат хациенди, за сметка на тоа што другите не можат ниту да се прехранат?