Симонов: Со ЕУ и НАТО заглавивме во блато

  • На порталот интервју.мк беше објавено интервју со Кординаторот на Секторот за Надворешна политика на Левица – Александар Симонов, во кое тој дава своја оценка за интеграциските процеси . Според Симонов, членството на Македонија во НАТО нема донесено апсолутно ништо добро, единствено ја вовлече земјата во конфликти, кон кои немаме никаков однос. Тој смета дека доколку утре Македонија стане членка на ЕУ без никаков предуслов, повторно нема ништо да се промени, затоа што проблемите со кои се соочува нашето општество се внатрешни и додаде дека моменталните барања на ЕУ немаат никаков однос со европските вредности или Копенхашките критериуми. Во прилог го пренесуваме неговиот одговор на прашањето поврзано со ЕУ и НАТО:

– Процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО, потроши младоста на неколку генерации Македонци, се гледа ли светлина на крајот од тунелот.

Со ЕУ и НАТО заглавивме во блато! –  Заглавивме во сопствениот нефункционален систем, што секој ден не гуши. Во НАТО не’ вовлекоа со сила, дури сега најдобро чувствуваме како е да те гази туѓа империјалистичка чизма. Еден од неколкуте основни предуслови  да се стане членка на „злосторничкиот воен пакт“ е да се биде демократска држава. Епа, воениот пакт кој се повикува на демократија „не вшумка“ во себе откако преку непосредна или директна демократија, на референдум, македонскиот народ кажа „НЕ“ за промена на уставното име на Република Македонија со цел зачленување во воениот и империјалистички пакт. Но, од членството во НАТО народот научи уште една работа – дека интеграцијата на земјата не и донесе ништо добро, освен вовлекување во непотребни конфликти и војни, за чија партиципација граѓаните плаќаат од сопствениот џеб.

А сега да се префрлам на ЕУ, но морам една мала паралела. Се сеќавате дека пред влезот во НАТО беа ветувани брда и долини, системски промени подобар живот и што уште не, и од тоа нема ништо. Корупцијата во вечна пролет, здравството во тотален хаос, образование без учебници – што е градење на анархистичко општество, огромна инфлација, се поголема стапка на сиромаштија. Дали некој мисли дека нешто од ова ќе се смени со членството во ЕУ, како што не се смени по насилното вовлекување во НАТО? – Не. Едноставно е, утре, без никаков предуслов да станеме членка на ЕУ нема ништо да се смени. ЕУ нема да ни донесе подобро здравство, сами мора да го изградиме, тие можат да ни ги земат само кадрите. ЕУ нема да донесе подобро образование, сами мораме да го замениме партиското со меритократско избирање на улителите кои сами ги креираме во нашите високообразовни институции. ЕУ нема да ни донесе помалку корупција, сами мора да се спротивставиме на тројниот пакт на Власта, која наместо да спречи ја стимулира и развива корупцијата.

Да заклучиме, нас не ни е потребно членство во Европската унија за да ни донесе подобар и пофункционален систем, нас ни треба сами да го изградиме овој систем, по примерот на одредени параметри од некои земји членки на ЕУ, затоа што нас ни е потребен државен апарат и систем во служба на народот, и се додека имаме ваков капиталистички модел, без разлика дали ќе бидеме или нема да бидеме земја членка на Унијата, ние остануваме да служиме на крупниот капитал, домашната буржоазија и западноевропската олигархија.

Да нагласам, Левица го поддржува членството во ЕУ исклучително преку призмата на внатрешните реформи и исполнувањето на одредени стандарди и преку призмата на Копенхашките критериуми, секое друго уценување, нема никаков однос кон Унијата. Додека што се однесува до НАТО, потребно е итно и неодложно истапувања од организацијата, каде воената неутралност ќе биде гарант за избегнување на било каков конфликт, и повлекување од конфликите во кои моментално сме вовлекувани.