Додека АД Баргала троши пари на спонзорства, за работниците нема ниту здравствено осигурување

Конфекцијата АД Баргала, чии работници заработуваат плата под секое достоинство, од околу 10.000 денари, одлучи на работниците ниту овие пари да не им ги даде. Текстилните работници во оваа конфекција не се задоволни ниту од висината ниту од динамиката со која им се исплакаат платите.

На 15-ти требаше да земеме плата, пишаа ни на огласната табла дека на 17-ти. На 17-ти бевме на работа. Вечерта во осум ни ѕвонат, од утре да не доаѓаме на работа, затоа што немаме плата. Ајде ќе дадам јас на моите деца, десетте иљадарки што ми ги дал. Нека води домаќинство со десет иљадарки и, деца на школо, и ковид, и се! Ташните ни се полни лекарства на приватно, оти ние немаме здравство! Во аптеките се караме со аптекарите кои не се криви. Вели „немаш здравство“ – епа јас ли сум крива?!

Тој се изјасни дека нема пари, дека наредната плата ќе ни ја пушти околу 20-ти до 25-ти, ако веќе има услови за тоа да се пуште таа плата. Инаку не можевме да дојдеме договор.

После ова заради „недисциплина“ текстилните работнички добиле откази.

Месеци наназад, на работничките кои работат во АД Баргала не им било исплаќано здравствено осигурување. Ваквото однесување особено во време на пандемија го загрозува животот на вработените и нарушува повеќе основни човекови права. За ова трудовиот инспекторат не реагира, властите молчат.

Газдата Наумче што лаже дека сме одбиле работа не е точно. Сите имаме сметки, сите имаме кредити, банките гонат, од дека? – Не знам како ќе преживееме? Здравство колку време немаме? Секоја жена од нас има потреба од лекар!

Ваквото „робовладетелско“ однесување од страна на Газдите и Државата наиде на реакција од страна на ЛО на Левица во Штип:

„Макфест 2021 – оваа година го слави својот 36-ти роденден. Многу еуфорија, млади луѓе, искусни пејачи и скромни дебитанти… Победникот – Штипјанец!

И целата слика околу Макфест, ќе изгледаше пристојно, доколку при најавата водителите не го спомнеа името на „најголемиот извознички македонски бренд“, фабриката за чевли „Баргала“ – во сопственост на дедото на градоначалникот и актуелен кандидат за градоначалник – Сашко Николов.

Во време кога многу жители на Штип, директно или индиректно се соочиле со последиците на пропаѓањето на „Баргала“ (отпуштање од работа, неисплатени плати, или плата од 600 денари), тие се дрзнуваат да излезат како спонзори, помагатели, поддржувачи на овој настан и тоа на директен пренос на Националната телевизија.

Очигледно дека на овие газди и роднини на власт не им е срам да се поигруваат со чесните и вредни работници, кои впрочем низ годините им го обезбедиле тој имот.

Но, тие освен што немаат срам, не се ни свесни дека секој втор жител во Штип, деновиве зборува со презир за овој неморален чин.

Не се ни свесни дека со ваквите гестови уште повеќе ги убедуваат жителите на Штип, да ги казнат толку силно, што никогаш повеќе нема да може да се вратат на таа досегашна позиција, од кадешто ги водат штипјани во бездна!


На работниот народ во Штип – град на текстилната индустрија, му е преку глава од „газдите“, тие се свесни за својот неисплатен и невреднуван труд! Затоа на овие избори ќе излезат масовно и ќе ги казнат сите што 30 години си поигруваат со нивното достоинство!“