На почетокот беше надеж… Потоа дојдоа Комшо и Марко…

  • Пишува: Игор Смилев – Koординатор на Левица – Зелен сектои и Советник во Општина Велес

Година и пол се сосема доволно во еден советнички мандат, за да се сумираат резултатите од сработеното, да се лоцира местоположбата на општината и граѓаните во неа, да се сумира реалноста од нереалните ветувања. Од ветената просперитетна општина, на безмалку половина од нашиот советнички, а секако и градоначалнички мандат велешани во принцип, не добија ништо.

За тоа се и тие самите свесни, можеби дури и лути на себе, поради погрешниот избор и изневерените очекувања. Но, сето тоа не е толку страшно , бидејќи погрешните избори на државно ниво, траат повеќе од триесет години, па ситуацијата со во голем дел изневерените надежи на велешани, не треба  да се сфаќа во апокалиптични димензии.

За разлика од пред две години, Општина Велес денес е општина со одземени ингеренции на градоначалникот од страна на државата. Ако пред две години градоначалникот имаше ингеренции во градинката Димче Мирчев и основното училиште Блаже Конески, денес тоа не е случај.

Во меѓувреме, Општина Велес пропушти прекрасна можност на ИНИЦИЈАТИВА на Левица, денот на штрајкот на велешките гимназијалци да го прогласи за општински празник, пропушти оваа 2023 година да ја прогласи за Година на „Гемиџиите„ славејќи го споменот на нивната саможртва во Солун.


Оваа 2023 година, пропуштена е и шансата да биде прогласена за Година на Рацин, од за нас советниците , но и граѓаните на Велес – непознати причини, за кои силно верувам дека дури ни градоначалникот Колев не може да најде соодветно објаснување. На еколошки план (мојата омилена тема) не бележиме некои резултати со кои би можеле да се пофалиме пред светот. Црниот рид на топилницата, како зла судбина сеуште стражари над градот, имаме асфалтна база од која се наплаќаат даноци, но истовремено немаме еколошки инспектор( кој е на ранг на митско суштество) кој ќе го надгледува евентуалното загадување од нејзиното работење и слични апсурди. Нема еколошки инспектор – нема загадување , нема надлежност.  

Да не зборувам за 20-те супер модерни електрични велосипеди донација од ЕУ, кои безмалку две години се во подрумите на јавните претпријатија и чекаат некој да ја избрише прашината од нив.  Неинформирани советници од советничкото мнозинство, заинтересирани за паушали, без реален интерес сериозно да учествуваат во креирањето на општинските политики. Советничко мнозинство обезбедено со гласот на партијата ДУИ, за која, партијата која има мнозинство на советници во Советот на Општина Велес, секојдневно на прес конференции вели дека е криминална банда и носител на коруптивните текови во земјата.

Но тоа е политиката, таа прекрасна вештина во која пријателства на постојат, а интересите се вечни. Не дека советниците од советничкото мнозинство воопшто не учествуваат во дебатите.

Јавноста се’ уште го памети на пример излагањето на една од колешките од ДПМНЕ, која не убедуваше дека постоеле љубичици кои влијаат врз прочистувањето на амбиенталниот воздух и со тоа си обезбеди место во историјата на советничкото работење во Советот на Општина Велес.

Од градежните активности во општината, би ги издвоил градежните работи благодарение на Министерството за транспорт и Агенцијата за државни патишта. Државата во сета своја немоќ и непсособност, покажува каква таква активност за разлика од градот. Обезбедени се средства за три улици, Кејот на Вардар, кој веќе очајно доцни, а некои велат дури и дека е извор на недозволени активности и ископ на песок од страна на приватни фирми, кои немаат баш врска со проектните активности, но за тоа можеби во некоја друга можност. Со други зборови, ја доградуваме оставштината на Коцевски, немо ги гледаме активностите на Агенцијата за патишта и ставаме по две –три канделабри и оградички, како сопствено учество на градот, поради очите и позитивен впечаток кај граѓаните.

Јавното комунално претпријатие „Дервен“ за кого ние советниците на Левица велиме дека е ЈКП Титаник, продолжува да генерира тешки загуби, дуплирани од салдото затекнато со доаѓањето на новите градски власти и новиот директор.  Останува несфатливо како толкав загубар најде и даде милионски суми за привремени партиски вработувања.

Покачувањето на цената на услугите за ѓубрарина за 100%, тешко ги погоди граѓаните на Велес, а особено малите претпријатија кои веќе трет месец добиваат астрономски сметки. Едно истражување на јавното мислење, кое набрзо ќе ја здогледа светлината на денот, упатува на процент од 86% незадоволни граѓани од новите цени на комуналните услуги.

Во меѓувреме, падна и зградата на Работничкиот Универзитет „Благој Страчковски„, поради изградба на друг објект до него,  чија градба со свој потпис ја одобрил градоначалникот.  Низа плацеви на езерото Младост исто така добиваат свои објекти, вклучително и една со негов потпис, а за која тој самиот вели дека не постои.

Четирите прекинати седници, одземањето збор на советниците на Левица и нихилистичкиот однос на претседателот на советот, се само вообичаен декор на една ужасна нефункционалност. Партиски вработувања, или привремени ангажирања на партиската војска на ДПМНЕ, безизлез за крупните проблеми на граѓаните и заминувањето на дури 5 квалитетни административци од општината се епилог од нарушените меѓучовечки односи и непосакуваното работно окружување во Општината.

Во поглед на културното живеење, бележиме напредок во областа на театарската уметност, можеби разбирливо од причина што претседавачот на Советот на Општината е актер. Тука ќе го споменам новоформираниот фестивал 5Ре, кој станува своевиден бренд на градот. Еве на пример годинава, како дел од програмската содржина на фестивалот посветен на доајенот на велешкото и македонското  глумиште Петре Прличко, ќе настапи познатиот актер и еден од бардовите на балканската театарска сцена Маца Маринковиќ.

Останува нејасно, дали во тоталната дезориентирност на водството на Општина Велес денес, на првите луѓе на општината некој им помага, или таа неспособност е автохтона и извира од нив самите.

На почетокот беше надеж… Потоа дојдоа Комшо и Марко…