СДС на својот залез и ДПМНЕ во идеолошко бунило

  • Фејсбук статус на Амар Мециновиќ – портпарол на Политичката Партија Левица

Во ова време на СДС и ДПМНЕ, за Македонија каква тие ја замислуваат, асномските идеали не можат да бидат државни темели, но повторно се револуционерна цел која ќе нѐ ослободи!

Растот на популарноста на револуционерните идеи, кај големиот дел од населението – за унапредување на својата политичка моќ и сувереност изразена преку функциите на власта, под потпора на структурната и политичката вкоренетост на единствената партија на Трудот, буди нов вид на реакционерство и обид за нова измама од политичките елити: нивен одговор за предизвикот од будење на класната и националната свест за пролетерско обединување.

РЕАКЦИОНЕРСТВОТО се противи на прогресивните промени кои ги носи секоја промена на рамнотежата на моќ во корист на обичните луѓе. Тоа е дефанзивен механизам на елитата за заштита на нивните интереси и контрола – како пречка за унапредувањето на социјалната еднаквост, работничките права и моќ и можноста народите да ја одредуваат сопствената судбина ослободени од империјалистичко влијание.

Партиите на елитата, оние во залезот на владеењето и оние кои го чекаат редот да бидат Левијатани над сопствениот народ и слуги пред туѓите цели, можат времено, плитко и бедно, да го пресоблечат рувото во заеднички обид за амортизација на револуционерниот полнеж.

Потписот со крв на НОБ врз историјата на Македонија, се покажа како неразделен од колективната свест и народниот гениј на овој народ. При регресијата во околностите на македонското прашање, како тогаш, така и сега ист е патоказот кон шилецот кој ќе не ослободи од фаталната прегратка на неофашизмот.

СДС на својот залез и ДПМНЕ во идеолошко бунило, како тактичка и времена мерка, се обидуваат да се приклучат кон непосредните грижи на луѓето, за поистоветување – да се задржи ова статус кво и коренски да не се предизвикаат постоечките структури на моќ.

Деценискиот зеднички проект на партиите од транзицијата, да се создаде нова буржоаска држава која ќе раскрсти со претходната работничка држава за да ја создаде новата база и суперструктура на општеството се случуваше слоевито: криминализација на претходниот социјалистички систем како злосторнички режим, преку промовирање на вредности на индивидуализам за олеснување на процесот на приватизација на сите колективни добра и преку конечен нов државен наратив, одвоен од реалноста, кој систематски ќе го избрише антифашистичкото минато.

Сепак, неспособни, краткогледи и потчинети на странските центри на моќ, нашите елити во овој проект ја соголуваа и самата државност и сврзното ткиво на општеството за сега да се чуствуваат крајните последици од овој авантуризам. Нивното владеење ја ослабна нашата безбедност и капацитети за одбрана на сувереноста – ние го живееме светот кој тие го создадоа и кој најмногу им одговара. Треба суштинска промена. За време на избори ќе го парадираат АСНОМ – така ве манипулира РЕАКЦИЈАТА.