Апасиев за оставката на Филипче: Оставката е неотповиклива, Заев да не ја чува во фиока
Претседателот на Собранието Талат Џафери за барањето прва точка на собраниската седница да биде одлуката за разрешување на министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека досега од Владата нема добиено никаква оставка и дека затоа нема за што да се расправа.
На оваа тема, процедурално обраќање имаше пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.
Членот 219 е сосема јасен: „Владата и Претседателот и членовите можат да поднесат оставка.” Оставка во правото е чин на неотповиклива волја и тоа не е чин кој некој ја оценува или преоценува , бидејќи е висок, етички чин на оноj кој ја поднесува.
Имено, „оставка“ и „разрешување“ не се исти институти! Во случајов со Филипче, тој е подносител на оставката и таа е неотповиклива. Според Деловникот, примач на оставката е спикерот на Собранието на Република Македонија, а премиерот е само гласник, или курир, кој пренесува дека член на Влада дава оставка. Во случајов кога премиерот не ја доставил до спикерот, Џафери е должен тоа да го праша – каде е оставката на Филипче, која Заев си ја чува во фиока, за да си го работи својот пи-ар.
Спикерот, исто така е должен веднаш да ја достави оставката на член на Влада до пратениците – што во случајов не е направено. Истата таа оставка се констатира од страна на пратениците без расправа, бидејќи тоа е морален чин – еднострана изјава на волја, која е неотповиклива.