Левица: Секогаш кога СДС е на власт фабрики и огромни економски гиганти одат во стечај

„Иако огромен број на стечајци од пропаднатите поранешни економски гиганти се’ уште се со нерешен статус и државата не презема ништо за да ги обештети, на повидок е нов бран на стечајци кои што ќе бидат избркани од работа, без плата и без здравстевно осигурување.

Имено, стечајната постапка на штипската текстилна фабрика „Алкон текст” заврши експресно од причини што фирмата нема имот и поради тоа не може да се формира стечајна маса од која би се наплатиле побарувањата на доверителите.

Со завршувањето на стечајната постапка пропаѓаат и сите надежи на поранешните вработени на оваа фабрика за наплата на заостанатите плати, придонеси и останати надоместоци.

Од друга страна пак стечајната постапка за штипската фабрика „Баргала” никако да почне. Иако раководството на фабриката тврди дека на работниците им се исплатени платите и придонесите, работниците од оваа штипска фабрика тврдат дека се оставени без здравствено осигурување, а на име плата наместо износот на минималната плата, им се исплатени само по 600 денари.

Не можеме да не се запрашаме како е можно секогаш кога СДС е на власт се случуваат масовни отпуштања од фабриките и масовни кршења на работничките права?

Како е можно секогаш кога СДС е на власт фабрики и огромни економски гиганти да одат во стечај, а притоа никој да не одговара за тоа?

Сведоци сме дека изминативе 30 години сите стечајни постапки кои што се водеа за фабриките кои отидоа во стечај имаат ист тек – или експресно завршуваа поради немање на имот, или постапките траат со години без разрешница на повидок., а епилогот за работниците е ист – оштетени и изманипулирани.

Сведоци сме дека од затвoрањето и одењето на фабриките во стечај, работниците се тие кои што го извлекуваат подебелиот крај, додека никој, ниту од тогашните, ниту од сегашните раководители и сопственици на овие фабрики не одговараа пред законот.

Владата на СДС ниту тогаш, а ниту сега не направи напор за да ги згрижи работниците, ниту пак презема дејствија за казнување на виновниците за овие случувања, од едноставна причина што сопствениците на овие фирми се најчесто блиски до нив и за време на нивното владење истите се недопирливи. Таков е случајот и со Баргала, фабрика која е семеен бизнис на Барзови – фамилијата на сопругата на актуелниот градоначалник Сашко Николов.” – стои во реакцијата до јавност на Локалниот Огранок на Левица од Штип.