Црвена Младина: Пустинска држава

Македонија од планинска држава со разнолика шума и вегетација е на пат да стане сушна пустина со голи планини. Имено државата покрај загубеното зеленило поради големите пожари е на пат да го загуби и она што остана недопрено!
Жителите на струмичкиот регион со години изразуваат револт и водат долга борба против отворање на рудник на неколку стотина метри на селата Иловица и Штука под падините на планината Огражден, каде се инсистира да биде отворен втор по големина во Европа рудник за бакар и злато. Инвеститорот има намера да срамни цела планина и да изгради шеста по големина брана во светот висока 276 метри, но брана не за акумулација на вода туку хидројаловиште т.е. место за складирање на токсичниот отпад добиен по преработката на рудата. И се во ред доколку тоа се изгради во некоја пустина каде во радиус од неколку десетици километри не живееше народ, меѓутоа тоа се случува во срцето на Струмичката Котлина, една од најплодните и најразновидни котлини во државата, па со оглед на тоа последиците тешко ќе се одразат пред се’ по животот и здравјето на луѓето и квалитетот на произведената храна поради очигледната неизбежлива контаминација на воздухот со прашина која носи токсични честички и водата која покрај тоа што нема да биде на задоволително ниво доволна за наводнување туку голема е веројатноста и за нејзино контаминирање преку подземните води од планината Огражден. За срамнувањето на целата планина и да не зборуваме.

Што е моменталниот проблем?

Свесните, загрижени граѓани (вистински патриоти кои го сакаат своето, а не лажни патриоти кои само со раката удараат по градите и вејат знаме) со многу напор, труд и истрајност успеаја преку најразлични активности да ја стопираат работата и да издејствуваат Владата под притисок од јавноста да ја одземе концесијата за работа на концесионерот, меѓутоа колку беше тоа доволно на долг план не знаеме бидејќи постојано се прават калкулации и се планираат задкулисни игри од страна на сите инволвирани. Прво, со краен напор активистите издејствуваа државата преку своите институции да поднесат одговор на жалбата на концесионерот за одземената концесија (скоро молејќи), за да Вишиот управен суд сега го врати предметот на повторно одлучување!

Зошто е ова битно?

Овде нешто смрди! Лидерите на најголемите политички партии во безизлезна ситуација да не изгубат гласови во овој регион минатата година пред народот се претставија како поборници против рудникот. Заев рече дека додека е тој на власт нема да дозволи да се отвори рудник. Мицковски онака кротко рече дека како ќе одлучи народот така ќе биде, секогаш е со него.

Меѓутоа да ги демантираме, народот на референдум излезе и јасно рече НЕ за рудник со над 90 посто од гласовите, меѓутоа референдумот беше неуспешен поради уцените од страна на политичките партии до своите членови да не излезат да гласаат и поради калкулациите од страна на политичарите да го одредат датумот за референдум во период кога голем број од населението е на работа во странство.

Додека пак на Заев не треба да му се верува, за ова имаме веќе досега многу примери, меѓутоа дека нешто се мати од нивна страна покрај многуте пребрежја со кои досега активистите се соочија и напорите вложени за администрацијата на Заев да ја исполни својата должност како поднесување одговор на жалба, сомнително е и разрешувањето на Ана Петровска од функцијата директор на Државен инспекторат за животна средина, единствениот вистински функционер во администрацијата на Заев, жена која гласно зборуваше дека додека е на функција ќе биде на страна на народот и ќе стори се што е во нејзина можност да не дозволи овој проект за отворање на рудник да пројде.

Прашањето е дали се спрема теренот за отворање на рудникот Иловица-Штука, бидејќки назначување на нов директор на оваа важна институција , кој не е запознаен доволно со проблемот како госпоѓата Ана, може да биде само отстранување на една пречка до целта. Имено доколку враќањето на предметот на повторно одлучување резултира со МЕРИТОРНО одлучување од страна на судот и враќање на одземената концесија работата за концесионерот е завршена а патот им е отворен за работа која ќе резултира со катастрофални последици, додека пак најголемите политички партии, за кои патем се шушка дека се имаат договорено за отворањето, ќе имаат алиби во мериторната одлука на судот и ќе избегнат одговорност (иако и двете партии имаат вмешано прсти во оваа работа) а со тоа и ќе се обидат да ги неутрализираат своите членови и гласачи – демек се е во рамките на прописите, а колку е легитимно тоа и колку народот го подржува никој не прашува.

Додека пак она што загрижува повеќе е што концесионерот со години наназад прави разни пропаганди и троши големи средства за замајување и поткуп на јавноста а никој од надлежните институции како и обвинителството не се залага да истражи за нивното работење!

Доколку продолжи овој башибозук ќе ни отиде државата а со тоа и народот.

Време е за национализација на планините и природните богатства!