Апасиев: Македонци има, Македонци имало и Македонци ќе има

Обраќање на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во однос на усвоената Резолуција поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.


Најнапред, во име на Левица ја поздравувам иницијативата оваа Резолуција конечно да го виде светлото на денот и да дојде како втора точка на дневен ред, за разлика од нашата Декларација, која никако да го види и можеби никогаш нема да го види, таа заглави на 24-та седница. Ќе почнам во еден гандиевски дух. Ганди вели дека на вистината не и е потребна јавната поддршка од корумпираните пратеници за да биде вистина, така што овие документи кои ние ги носиме како резолуции и декларации се само симболични.

Вистината е дека Македонци има, Македонци имало и Македонци ќе има, без оглед дали брливите политичари преговараат за тоа како ќе ни се вика јазикот, како ќе ни се вика државата,и така натаму. Балканот е можеби полуостров, каде што секоја нација се мајтапи со другите нации и за чудо, сите се во право. Ова вето кое што ни го стави Бугарија беше непостоечко пред да дојде Зоран Заев како премиер. Ние се сеќаваме дека Бугарија беше првата држава која што не призна под уставното име.  Односите со Бугарија се последица директна на Преспанскиот договор, на таа лилипутантска нишка во дипломатијата која што секогаш каска зад светските текови.

Оттука, односите со Бугарија ќе бидат мачни, ќе бидат тешки и можеби никогаш нема да дојдат до крајот, за разлика од односите со Грција. Понатаму, предвидувам дека можеби, тоа е црно сценарио, дека и Албанија ќе стане земја членка пред нас, дека и таа потоа ќе ни става вета, можеби Србија нема да ни стави вето на крајот, бидеќи и таа ќе стане земја членка пред нас во Ервопската Унија. Оттука, нашата надворешна политика мора да се фокусира кон алтернативи, бидеќи ние уште многу долго време ќе останеме во чекалната на Европската унија.

Она што ми фали во оваа резолуција е отфрлањето јасно на објаснувачкиот меморандум на бугарската академија и бугарските колеги пратеници, коишто за разлика од над кои одвај наоѓаме консензус, имаат консензус за сите анти-македонски прашања. Имено, овој меморандум пропагира историски ревизионизам и пропагира рехабилитација на фашизмот. Јас се надевам како што брушевте шахти нема да ги демонтирате спомениците од НОБ, коишто се последица на Асномска Македонија.

Понатаму, она што ми фали е осуда на неоврховистичките позиции на бугарската влада и она што конечно како народ и држава треба да се одважиме и треба да го отвориме, а тоа е прашањето за Македонското малцинство во Пиринска Македонија.

Прво, треба да следува барање за извинување од официјална Софија, како што тоа го прави Германија кон Русија, кон Евреите и така натаму, па потоа да следи историско помирување. Згора на се, имаме и адут во рака, има неколку пресуди од Европскиот суд за човекови права против владата на Бугарија.

И она, што можеби е умесно да го отвориме како прашање, е конечно да се стави на дневен ред Македонската национална платформа, како пандам на Тиранската, којашто за разлика од оваа ако е кон надвор, ќе биде кон внатре и таа не треба да е многу сложена. Горе-доле се пет точки, а тоа се гаранција на унитарноста на државата, на секуларноста на државата, на идентитетот, бидеќи ние сме единствена нација која преговара за “јус когенс” прашања, односно за прашања кои се непреговорливи во меѓународното право.

Потоа прашањето за територијалниот интегритет и прашањето за државните инсигнии, односно симболи како грбот, знамето и химната. И она што фали е дека оваа резолуција би требало да се достави и до Европската унија и до нашите меѓународни партнери, а не само да се објави во службен весник.

Меѓутоа и оваа лајт варијанта како почетна точка е прифатлива за нас, ние ќе ја гласаме и Левица ќе ја даде поддршката, со надеж дека во иднина нашата дипломатија ќе биде поофанзивна, а не само дефанзивна во овие билатерални спорови.”