Главниот сведок Тордарсон признал дека сведочи лажно во случајот против Асанж

Џон Рис е британски политички активист, академик, писател координатор во  Коалицијата „Запрете ја војната“. Претходно тој бил и водечки член на Социјалистичката работничка партија. 

Во својата колумна: „Случајот против Асанж колабрира, ама и понатаму останува перверзија на правдата“ напиша дека, главниот сведок на обвинителството призна дека лаже во своето сведоштво пред судот.

„Последната вест е дека Сигурдур „Сиги“ Тордарсон му призна на исландски новинар од магазинот Стундин дека лажел кога сведочел дека Џулијан Асанж му дал насоки да ја хакира американската влада. Доказите на Тордарсон не се маргинални за американскиот случај, туку тие се преплетени низ целото обвинение, и на нив конкретно се осврнува судот од Вестминстер, кога одлучуваше за екстрадиција во деловите од пресудата кои се негативни за Асанж“, пишува Џон Рис, кој активно го следи и известува за случајот против Асанж.

Во информациите што ги сподели се открива претходен конфликт помеѓу Тордарсон и Асанж.

„Тордарсон беше волонтер во Викиликс, кој работеше на собирање финансии. Тој украде околу 50.000 долари од Викиликс и лажно се претставуваше пред остатокот од светот со цел да проневери пари. Тој исто така е обвинет за сексуално малтретирање на деца. По двете основи, Џулијан Асанж помогна Тордарсон да заврши во затвор“, тврди тој.

Поради ова Џон Рис смета дека, Тордарсон ја лаже администрацијата на Трамп заради одмазда. А неговите лажни докази од страна на САД треба да ја засилат сржта на американскиот случај – дека Асанж е хакер, а не новинар.

Во својата анализа тој истакна дека, најголем дел од случаите за кои ќе се дознае дека се базираат на лажни сведоштва би колабирале. Но, како што вели, „не и случајот против Асанж, кој сега оди на Апелационен суд, каде САД ќе се обидат да ја сменат првостепената одлука од почетокот на годинава“.

Џон Рис заклучува дека сржта на целиот проблем е тоа што Владата на САД управувана од Трамп дозволи да се развие мислењето дека основите на истражувачкото новинарство се закана за националната безбедност. „Соодветно, Џулијан Асанж беше прекласификуван како ‘сајбер-терорист’, не новинар“, додава тој.