Левичарски институт „Рацин“ организира Трибина по повод 150 години од раѓањето Гоце Делчев

Левичарски институт „Рацин“ организира Трибина по повод 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. За настанот кој ќе се одржи овој петок тие објавија на својата фејсбук страница. Во описот стои:

По повод 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, левичарскиот институт „Рацин“, организира трибина за одбележување на духот на македонската државотворност и за празнување на врската помеѓу минатото, сегашноста и иднината.

Денес, неопходно е вистинско толкување на државотворниот порив и националните херои чии судбини се нераздвојни од идејата за Македонија – во време на повторни обиди за културна и политичка доминација помеѓу народите, без класна и национална солидарност за угнетените општества под империјалистичко влијание.

Темата и целите на трибината се во склад со идеалите на големиот македонски револуционер – повикување на разум со разумна дискусија, потенцирање на школувани ставови кои нѐ ослободуваат од стегите на незнаењето и артикулирање на македонската кауза како составен дел од класната борба на македонскиот народ и животниот пат на Гоце Делчев.

Во време на будење на сенките од минатото, време е и за возобновување на живототворната енергија и желба за слобода во нов пријателски свет, кои биле клучни за сите историски успеси на нашите минати дејци – да оставиме здрав плод од кој идните генерации ќе бидат оплеменети со мудростите на класната и национална свест која води кон подобар свет!

Говорници на оваа трибина ќе бидат:

– Проф. Д-р. Димитар Љоровски Вамваковски
– Проф. Д-р. Љубомир Цуцуловски
– Проф. Д-р. Билјана Ванковска
– Проф. Д-р. Јован Донев
– Проф. Д-р. Стојко Стојков (ОМО Илинден – Пирин)

Овој настан ќе се одржи во петок, (4 февруари 2022) 18:30 ч. во Кино Фросина, МКЦ.

Настанот ќе се одвива според тековните протоколи за организација на настани по препораките на комисијата за заразни болести. Заради ограничениот број на гости истиот ќе се пренесува и со стрим во живо на фејсбук страната на Левичарскиот институт „Рацин“.