Мојсоска: Кога Брнз ти лобира автопат “во четири очи”

Вчера се изгласа контроверзниот специјален закон за изградба на автопати без тендер, според кој изградбата на коридорите ексклузивно ја добива американско-турската корпорација „Бехтел и енка”. Ден претходно, американската амбасадорка се сретна со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, каде тема на разговор било борбата против корупцијата. Меморандумот со оваа корпорација пред неколку месеци го потпиша, исто така, функционерот на ДУИ, Артан Груби. За изгласаниот закон и контроверзностите поврзани со истите, реагираше членот на Президиумот на Левица – Јована Мојсоска.



Денес беше изгласан законот за изградба на автопати без тендер, од кој најмногу ќе се “офајди” американско-турската корпорација „Бехтел и енка”. Потпишувањето на Меморандумот со оваа компанија го реализира (вице) премиерот Артан Груби, каде присуствуваа министерот Бочварски, директорот на ЈП Патишта – Ејуп Рустеми и американската амбасадорка, Кејт Брнз.

Неколку факти за американската фирма која ќе ги добие привилегиите од овој закон:

1.Во 2004 година, оваа фирма добива изградба на автопат во Романија, за цена од 2,7 милијарди долари. После макотрпни спорови и обвинувања, крајниот резултат е 12,5% реализација на договорот, при добиени 64% од зделката.

2. Во 2008, беше поведено обвинение против албански министер, кој бил дел од зделката со американската корпорација. Тогашен вработен во министерството ќе излезе со тврдења дека „бил шокиран од цените, кои биле неколкукратно поголеми од пазарните цени”. Тогашниот јавен обвинител, штетата по државата ќе ја процени на 337 милиони долари. Случајот ќе биде отфрлен поради процедурални недоследности.

3.Во 2014 година, заменик-директорот на оваа корпорација е осуден на 42 месеци затвор за коруптивни шеми во Египет, во вредност од 5.2 милиони долари.

4.Во 2019 година, корпорацијата „Бехтел”, заедно со партнер-корпорација, ќе плати казна од 125 милиони долари на американската влада, поради наплата на фиктивни часови на работа, кои никогаш не биле реализирани.

5.Најсилно е лобирањето на американскиот амбасадор во Косово, каде излобираниот автопат достигна неверојатна сума од речиси 17 милиони долари за еден километар. Надвор од вклучените страни, ретко кој го видел договорот за косовскиот автопат; тоа не му успеало ни на специјалниот меѓународен претставник на Косово Питер Феит, кој комплетно бил тргнат настрана. Светската банка за тој автопат наведува дека само две (од деветте) секции на патот ќе бидат економски исплатливи.

*Твитот на амбасадорката е од вчера, на средба со Али Ахмети, каде главна тема е борбата против корупцијата. Веднаш после средбата, се донесе закон во скратена постапка, со кој македонската држава ќе се задолжи со неколку милиони долари пред оваа американска корпорација.