Македонските револуционери – социјалисти – „Сакаме Македонија да биде за Македонците”


Македонските револуционери – социјалисти
САКАМЕ МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ
“Пpoгpaмa на македонските револуционери-социјалисти”

1898г.


Политичката слобода на еден народ е првиот услов за неговиот натамошен развиток. Без политичка слобода, окован во синџирите на ропството, народот е безживотна маса, труп, неспособен да оди по стапките на цивилизацијата и прогресот.

Толку полоша станува судбината на еден поробен народ кој попаднал под владетелството не на некоја што-годе културна нација, туку стенка под ужасниот притисок на една деспотска султанска управа.

На Балканскиот Полуостров и во Мала Азија, под јаремот на турските халифи, се виткаат неколку несреќни народи, меѓу кои спаѓа и македонскиот. Неподносливата положба на Македонија ги достигнала веќе крајните граници. Лишени од можноста да живеат еден што-годе човечки живот, македонските жители се принудени да задушуваат во себеси уште во почетокот секаква пројава за напредок и благосостојба, да се воздржуваат од секаков одзив кон општоевропскиот културен живот

Водени од најхумани и проrресивни идеи, македонските револуционери-социјалисти си поставија цел: полно политичко и економско ослободување на народите што ја населуваа, Македонија и Одринско. За таква една цел, ние македонските револуционери-социјалисти не признаваме друго порадикално и подостојно средство, освен револуцијата. Во согласност со тоа rлавно средство со чијашто помош мислиме да ја добиеме слободата на Македонија и Одринско, определен е и кругот на нашата дејност. Ние нема никого дa молиме да им ја подари слободата на тие народи, затоа што се водиме од паролата дека само оној народ знае да ја чува и да ја цени својата слобода кога неа свесно си ја извојувал сам. Поради тоа, во кругот на нашата дејност влеrува моралното и умствено свестување на целата работничка класа, нејзиното воспитување во духот на независноста и цивилизацијата. Ние не сакаме отстранувањето на еден „цар” – тиранин за да дојде друг. Ние ќе се бориме за создавање една независна и најслободна политичка автономија. За постигањето на нашата главна цел – ослободувањето на народите во Македонија и Одринско, ние сме готови да влеземе во спогодба и во сојуз со сите племиња во турската држава што се стремат кон ослободителни цели, и со сите други народни дејци што ги симпатизираат нашите идеи.

Ако ние Македонците сакаме да се спасиме од беззаконијата и варварствата што ги врши турската власт над нас, засега треба да бараме политичка автономија, само таа ќе ги прекрати борбите што постојат меѓу балканските државници. За да може да се поддржува борбата, Македонија треба да се ослободи од шовинистичките пропаганди што денес го задушуваат важното прашање – политичко ослободување. Ние на драго срце би ги примиле и поддржувале решението и согласноста на проrресивните политички партии во заинтересираните држави да се дадат на Македонија автономни права, да се откажат од своите претензии за влијание врз таа многу напната земја. Да се даде на сите националности во Македонија, да има орrанизирано мали кантони во кои, според мнозинството на населението во тие кантони, да си ги уредуваат своите општествени работи: сами да си избираат свој официјален јазик, да си отвораат училишта на свој јазик, итн. – Воопшто, да имаат такво уредување, какво што денес постои во Швајцарија.

Ние не стоиме врз базата на национална омраза – за нас работниците од сите страни се браќа помеѓу себеси; тие немаат што да делат, освен несреќната положба во која се наоѓаат. И секогаш сме готови да им подаваме рака, кога тоа го бараат хуманоста и човечкиот прогрес. Ние не ги симпатизираме оние шовинистички движења во Бугарија, во Србија, во Грција и на други места затоа што тие не се во состојба да направат ништо за подобрување на поробените, освен да шират омраза меѓу националностите во Македонија и уште повеќе да ја усложнуваат несносната положба под турскиот јарем.

Ние мислиме дека народите треба да се остават сами на својата добра волја да ја определуваат својата народност, а не таа да станува врз основа на некакви историски традиции или ултрапатриотски побуди. Убедени автономисти, ние сакаме Македонија да биде за Македонците. Тргајќи oд сопствените македонски интереси, ние истовремено нема да останеме глуви кон проrресивните општествени движења во другите земји. При нас ќе најдат одзив работничките движења како од Западна Европа, така и од Бугарија, Србија, Грција и од други држави.

Најсетне, како убедени социјалисти, ние нема да ја испуштиме од предвид утрешната социјална револуција, заедно со политичкото ослободување на поробените народи во Македонија и Одринско. Нашата цел ќе биде да подготвиме таму терен за разбирање на стварните услови на денешниот живот и за примање на социјалистичките идеи. Од тоа се rлeдa дека ние сакаме политичка автономија, како еден услов за нејзиниот натамошен развиток, економски и политички.

Ние меѓу Македонските работници ќе ги распространуваме социјалистичките идеи – ослободителното дело на работниците во сите земји.

Таква е нашата програма.
Накусо речено, таа е:
Ширење свест меѓу македонското население, соборување на турското ропство, давање автономна управа, придружена со најшироки правдини.


(*Текстот е извадок од книгата ИСТОРИСКА ВИСТИНА – ПРОГРЕСИВНАТА ОПШТЕСТВЕНА ЈАВНОСТ ВО БУГАРИЈА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ЗА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ 1896 – 1956, од ПЕРО КОРОБАР и Д-р ОРДЕ ИВАНОВСКИ, кои се јавуваат како Избор и редакција на книгата, објавена од Култура, 1981г, Скопје)