Левица – Свети Николе: Во Свети Николе има повеќе организации на жени од гинеколози

Покрај партиските унии, невладини организации на жени во Свети Николе, кои секоја година црпат средства од општинскиот буџет, додека вистинскиот проблем не се решава. Свети Николе располага со само еден гинеколог и еден доктор за мамографија.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – Свети Николе:


„Покрај постоењето на традиционалните партиски организации на жени – Униите на жени на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во општина Свети Николе постојат уште две невладини организации на жени, за кои патем, се издвојуваат финансии од Буџетот на општината. Согласно ова Општина Свети Николе има четири организации на жени, но само еден гинеколог.

Од општинската програма за помош на невладините организации, во 2020 година за „Граѓанска иницијатива на жени“ се издвоени 60 000 денари пари од буџетот на општината и исто толкава сума е обезбедена за 2021 година. Додека пак, за „Организација на жените на Општина Свети Николе“ во 2020 година се издвоени 150 000 денари и уште толкава сума е предвидена за 2021 година.

Интересно е дека на „Организација на жените на Општина Свети Николе“ две години по ред ѝ се одобруваат средства за речиси ист проект.

Најлошо е тоа што Општината троши пари за бескорисни проекти на невладините организации, додека вистинскиот проблем не се решава. Факт е дека еден гинеколог не е ниту приближно доволно за да ги задоволи медицинските потреби во општината и дека ваквата ситуација е далеку под стандардите на најсиромашните афрички држави.

Но, она што претставува вистинска лицемерност е тоа дека за проектите „Заедно во борба против рак на дојката“ овие две години се издвоени 300 000 денари, додека во општината не само што има еден гинеколог, туку има и само еден доктор за мамографија, кој патем е на одмор. Така, доколку во моментот кај некој од пациентот постои сомневање или има потреба да провери присуство на карцином на дојката во Свети Николе, тоа нема каде да го стори!”