Домот на Рацин – Уметничко ателје за грнчарски производи

Ова е родната куќа на Кочо Солев, поточно на неговите родители Марија и Апостол. Тој е роден тука, но почесто бил гостин, бидејќи е познат неговиот животен пат“, кажа велешката архитектка Станка Амбаркова, почнувајќи го раскажувањето за домот на Солеви.

„Денешните архитекти сигурно ќе бидат збунети како да постават дом за многудетно семејство, како што бил случајот со Солеви. Згора на тоа, да се погрижат и за вршењето на занаетот – грнчарството“, додава Амбаркова.

Таа беше домаќин на отворениот ден на куќата на Солеви и говореше како архитектонски била решена внатрешноста на домот.

Во куќата има само две соби, а во горниот дел имало шест кревети.

„Прво што домаќините го направиле било да има место и комоција за магарето. Можеби ќе звучи чудно или несериозно, но тоа за нив живот значело. Со него оделе по глина, ги носеле готовите грнчарски производи на пазар. Без магарето не можел леб да се донесе дома и затоа имало таков третман“, појасни Амбаркова.

Десно од влезот во куќата била фурната, а до неа ателјето за создавање глинени производи. Тука се и чардаците, каде што стоеле готовите грнчарски производи и се цртале.

„Кочо и неговите браќа и сестри биле уметници, тие цртале по грнчарските производи кои не се повторувале“, додава Амбаркова.

Како реткост, во една од собите има мал прозор, преку кој мајката Марија гледала кој влегува и се движи низ куќата.

„Кога ќе го видите распоредот, сигурно ќе се прашате каде се сместувала фамилијата, оти има само две соби. Во горниот дел имало шест кревети и разбојот на баба му“.

Преземено од: СДК.МК – П. Печков