Мендух Тачи со поголемо разбирање за проблемот со името од Кочо Анѓушев

„Интересни“ ставови на македонските политичари за името. Имено, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, изјави:

Она што сакам да го кажам е дека црвената линија за која не треба да се попушти е идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот итн. и дека за името треба да направиме една одредница којашто ќе биде интернационално прифатлива. Значи, јас сум на мислење дека треба да се реши тоа прашање. Северна, Горна или Нова Македонија, тоа народот ќе си каже. За мене и Северна, Горна и Нова е прифатливо.“

Тој додаде:

„Ако сакате економски просперитет, вие морате прво и основно, покрај економски мерки, да имате и владеење на правото и да имате стабилна политичка состојба, а за стабилна политичка состојба, Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Сите предуслови за да тоа можете да го направите е да најдете решение и компромис за името. Јас сакам и сум свесен дека тоа мора да се реши.“

Од друга страна лидерот на ДПА, Мендух Тачи, покажа поголемо разбирање за ставовите на неговите сограѓани од македонска етничка припадност, иако далеку од совршено, и истакна дека:

„Решението на името е ексклузивно право на македонците.“

Можеме само да се надеваме дека повеќето од припадниците на сите различни етнички заедници во Македонија, а пред сè македонската како најголема, во иднина ќе имаат разбирање за ваквите чувствителни теми.