Левица – Кичево: Дали локалната власт незаконски депонира отпад во Кичево?

Во околината на село Попоец, затекнати камиони како фрлаат комунален отпад. Жителите обвинуваат дека ова е организирано ЈП Комуналец, од каде што демантираат дека се инволвирани.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – Кичево:


„Минатата недела, жителите на село Попоец, на лице место затекнале камиони како во фрлаат комунален отпад, кој бил претходно покриен со земја. Едниот возач избегал од настанот, кога увидел дека жителите го откриле.

Иако од ЈП Комуналец демантираа дека се инволвирани, жителите обвинуваат дека ваквото фрлање на отпад е организирано токму од ова јавно претпријатие. Потсетуваме дека согласно Законот за управување со отпад, односно член 24, забрането е оставање, фрлање, напуштање, спалување или неконтролирано остранување на отпадот, за што се предвидени и соодветни глоби.

До Левица пристигнаа информации дека во ваквото координирано уништување на природата, директно е инволвиран и градоначалникот од “зелената” партија, Фатмир Дехари. Јавноста чека одговор од владејачката коалиција, дали дивите депонии и сметот се обележје на европските вредности, за кои толку се залагаат? Дали граѓаните повторно се жртви на нивните коруптивни зделки, а развојот на општините само предизборен договор за заедничка поделба на бенефициите од власта?”