„Ако Ирците не застанат покрај Палестинците, кој ќе застане” – говор на поранешниот претседател на Шин Фејн

Џери Адамс (роден 6.10.1948) е ирски републикански политичар, поранешен пратеник (TD) во Ирскиот Парламент (Dail) и поранешен претседател на ирската републиканска партија Шин Фејн (Sinn Fein). Адамс беше претседател на Шин Феин од 1983-та година за време на т.н. „Невољи“ (The Troubles), кога во окупираниот дел на Ирска се заострија воените дејствија помеѓу ИРА и воените сили на Обединетото Кралство. Честопати именуван како политички лидер на ИРА, Адамс официјално ги отфрла овие обвиненија. Во 2018-та година тој го напушти претседателското место, откако најави дека треба да почне „планираниот процес за смена на генерации, согласно неговите намери за иднината“. 



„Одбивањето на владиниот кабинет да направи нешто повеќе од апел за независна истрага за страшните настани во Палестина, во суштина, е повик да не се прави ништо. Сите сме свесни за масовните убиства на палестинските демонстранти. Владата со право ги осуди постапките на израелската влада. Но, Премиерот тврди дека протерувањето на израелскиот амбасадор е против принципот и императивот на дијалогот. Не е вистина.

Неодамна, владата протера руски дипломат не заради наводно погрешно постапување во оваа држава, туку во знак на солидарност со британската влада. Значи, Премиерот и министерот треба да престанат да бараат изговори за нивното непреземање активности, кои би претставувале вистински израз на противењето на ирскиот народ врз акциите кои се вршат врз народот од Палестина.

Нема никакво оправдување за владата да не ја признае официјално државата Палестина, како што се договорија Парламентот и Сенатот. Ако Ирците не застанат покрај Палестинците, кој ќе застане. Ако ние како поранешна колонија, се’ уште делумно окупирани од влада што не ја сакаме; ако ние со нашата историја на борци за слобода и отпор и нашиот мировен процес; ако не ги поддржуваме правата на Палестинците, кој ќе ги поддржи?

Нивната земја полека им се краде. Стотици илјади израелски доселеници живеат на палестинска земја, кршејќи ги резолуциите на ООН. Нивното право за пристап до вода е укинато. Тие живеат во сиромаштија и неповолна положба, без право на слобода на движење. Ставот на нашата влада е да го игнорира тоа.

Што бара Шин Фејн? Бараме нашата влада да побара меѓународната заедница да го почитува меѓународното право. Пригушените зборови на осуда се недоволни. Во последните години го посетив Блискиот исток пет пати. Зборував со израелските лидери и граѓани и палестинските лидери и граѓани. Сум бил во градот Газа и на западниот брег. Бев во бегалските кампови, разговарав со децата ослободени по години во израелските затвори, разговарав со нивните родители кои очајуваа од занемарувањето на меѓународната заедница и одев по грозоморниот разделен ѕид што ги отсекува палестинските семејства од нивната земја.

Оние палестински академици и други кои ги организираа неодамнешните протести за одбележување на 70 години од Накба (палестинскиот егзодус), ги зедоа за пример ненасилните кампањи на Мартин Лутер Кинг и на Ганди. Протестите во Газа беа палестински еквивалент на маршот до Селма. Мирен, масовен протест против неправда игнорирана 70 години.

Значи, опциите на владата се јасни. Зборувајте многу, но не правете ништо. Или избркајте го израелскиот амбасадор. Престанете да ја игнорирате демократската волја на Парламентот. Признајте ја државата Палестина како што ја признавате државата Израел. И застанете за мир на Блискиот исток застанувајќи покрај Палестинците “