80 години од почетокот на окупацијата на Македонија од страна на бугарските фашистички сили

На денешен ден 1941 година со одбрение на Германија, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнаа воената окупација на Македонија. На денешен ден пред точно 80 години започна фашистичката окупација над Македонија која резултираше со изживување на бугарската армија врз цивилното население.

Истакнатиот историчар и академик Манол Пандевски во своето дело „Струмица и Струмичко низ историјата“ објавено во 1969 година пишува дека ден по навлегувањето на бугарските единици во Струмица, организирани се масовни демонстрации во овој град. Носејќи ја картата на Македонија, демострантите извикувале “Македонија на Македонците, Да живее слободна Македонија, Долу шпиони“, противејќи им се при тоа на бугарскиот фашистички окупатор. Неколку денови подоцна, поточно на 1 мај истата година, во центарот на Скопје било истакнато македонското црвено знаме, а веднаш започнале со работа и месните комитети на комунистичката партија во Прилеп, Битола, Скопје и други градови.

Колку отпорот на македонскиот народ кон фашистичкиот окупатор бил поголем толку и окупаторите биле немилосрдни. На 19 септември 1942 година од страна на бугарскиот окупатор е извршен масакрот кај Дабница во кој биле убиени 18 лица. На 17 октомври 1942 година во Богомила брутално беа убиени и масакрирани 16 борци, а 64 други биле пренесени во логорите во Бугарија.

Истата година на 24 октомври бил извршен масакрот во велешкото село Долно Јаболчиште. Во овој масакр, биле убиени 11 лица, а меѓу нив и 12 годишниот Расим Абазов. Следната 1943 година, на 16 јуни во близина на селото Моклиште, биле стрелани 12 младинци, најголем дел од нив на 17 годишна возраст.

Ова се само дел од монструозните злодела кои засекогаш ќе остават белег во македонската историја.