Крмов: Најголем пропуст околу средбата на Заев и Мицкоски е давањето дозвола пописот на дијаспората да продолжи
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов во своето гостување на ТВ Стар истакна дека спорно е продолжувањето на пописот во дијаспората, со оглед на тоа што истиот е спротивен на меѓународните стандарди.
„Можеме како пример да ја земеме Италија. Интересен податок е дека 62% од граѓаните на Аргентина се декларираат со италијанско потекло. Замислете кој нонсенс е да земе Италија да попишува 62% од Аргентина и според тие 62%, кои се околу 32 милиони луѓе, да гради економски политики во Италија.
Изјавите на Маричиќ и на Груби се јасни – тие викаат, спрема дијаспората, спрема луѓе што не живеат тука, спрема луѓе кои не се вратиле со децении и кои можеби немаат ни лични документи, па можеби немаат ни државјанство, спрема тие луѓе ќе била правичната застапеност пресметана тука во Македонија. Според тоа, да земеме еден едноставен пример. Во едно село кое има мнозинство Македонци од 60% и Албанци од 40%, ако 80% од Македонците се иселиле некаде, тогаш Албанците сега се мнозинство ама заради тие 80% Македонци во дијаспора, повторно ќе се води дека во селото има мнозинство Македонци.
Значи тоа е апсолутен нонсенс! Најголем пропуст околу средбата на Заев и Мицкоски е давањето дозвола овој срамен и непотребен попис на дијаспората да продолжи. Тоа попишување мораше да застане. Излегува дека кај нас главен попис е пописот на дијаспората. Цел акцент за пописот е ставен на дијаспората.
Ќе го споменам бившиот пратеник и бивши градоначалник Бочварски, кој сега е министер, кој вели дека му требал пописот за да планира економски политики. Јас го прашувам дали ние ќе планираме економски политики според дијаспората? Зошто ни треба попис во дијаспората за планирање економски политики?”