Левица поднесе кривична пријава против Нина Групер

Денес Левица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична приjава против поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска. Причината за пријавата е тоа што Ангеловска, додека била на функција, злоупотребувајќи инсајдерски сензитивни информации го повлекла својот депозит во вкупен износ од 250.000 евра од  Еуростандард банка непосредно пред банката да пропадне, со што ја искористила службената положба за остварување лична корист и се поставила во привилегирана и фаворизирачка позиција во однос на останатите доверители.

Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица денес пред ОЈО изјави дека Нина Ангеловска со ваквото умислено и противправно однесување го прекршила член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси со што се исполнети условите за кривичен прогон по службена должност за сторено тешко кривично дело несовесно работење во службата. За ова кривично дело е предвидена тригодишна затворска казна како јавен деликт насочен против службената положба. Од Левица потенцираа дека Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет против поранешната министерка и било констатирано етичка и професионална одговорност кај пријавената, поради што станува збор за личност со нарушен кредибилитет и интегритет која треба да се повлече од извршување на сите јавни функции. 

„Потенцираме дека самата постапката е фарсична, каде се констатира само ЕТИЧКА, а не и ПРАВНА одговорност и поради тоа нашите пратеници во координација со спикерот ќе ја повикаат претседателката Билјана Ивановска на првите пратенички прашања, кои ќе се одржат на крајот на месецов. Левица ја разгледува можноста да ја прошири кривичната пријава и против други поранешни или актуелни службени лица“, изјави Мојсоска.