Пратениците на Левица и ВМРО-ДПМНЕ после 20 часа седница го спречија законот за Макпетрол

Не успеа обидот на власта, пратениците од опозицијата да ги фати на „кондиција“. Филибастерингот на опозицијата со пријавена цела пратеничка група за збор како и репликите и контрарепликите на говорницата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред се на оние кон двајцата пратеници од Левица кои останаа заедно со ВМРО-ДПМНЕ да ја водат битката, создаде да седницата за Предлогот на Закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба со кој се предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра трае повеќе од 20 часа.

На својот фејсбук профил доцна вечерта реагираше пратеникот на Левица – Борислав Крмов дека наместо во интервали по 2 часа, како што предвидено по Ковид-протокол, се работело и по 2 ипол до 3 часа.

„Наместо еден час пауза се дава пола час. И процедурално обраќање се дава на време само ако претседавачите се „расположени“.А зошто? Зошто овој циркус доцна во ноќта? За да ги частат газдите на Макпетрол, другарите олигарси на Премиерот 33 милиони евра државни пари.”– напиша Крмов.

Инаку, на собраниската седница, освен пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица од страна на владеачкото мнозинство не беше присутен речиси ниту еден пратеник, освен Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Досега, во македонската историја не се памети ваква седница на Собранието, а прв пат се случува сега за Закон кој не е од суштински интерес за граѓаните ниту пак со него се предвидува подобрување на животниот стандард туку за Закон со кој ќе се овласти Премиерот Зоран Заев да склучи договор со Макпетрол и државата да им префрли 33 милиони евра за вложувањата на компанијата во гасоводот.

Утрово Крмов објави дека маратонска седница за ГАМА конечно завршила во 08:00 часот, после 21 час работа без прекин, и дека криминалниот закон со кој требаше да се почасти АД Макпетрол со 33 милиони евра народни пари не се донесе. Тој додаде дека владеачкото мнозинство не го издржа темпото и дека нивните пратеници не биле присутни во доволен број за гласање.


Маратонска седница за ГАМА конечно заврши во 08:00 часот после 21 час работа без прекин! Криминалниот закон со кој…

Posted by Борислав Крмов on Friday, 25 December 2020