АктуелноЛокално

Приватизацијата како “квази модел” претставува сериозна закана за економијата на една држава

Поради распаѓањето на поранешните социјалистички земји и преминот кон капиталистички систем, се изврши приватизација на општествениот капитал. Таа приватизација се изврши преку два модели, од кои едниот беше ваучер систем (со кој се предвидуваше на секој полнолетен граѓанин да му се даде ваучер со вредност во зависност од возраста и работниот стаж), а таквиот модел, кој даде позитивни резултати, беше прифатен во Словачка, Чешка.

Вториот модел на Јане Миљоски, тогашен министер, предвидуваше општествениот капитал да им припадне на актуелните „менаџери-директори“ кои го девалвираа општествениот капитал за многу смешни износи, за да тој капитал заврши во рацете на неколку моќни олигарси. Република Македонија стана мета на вториот модел, соочувајќи се со сериозни последици, од кои, за жал, нашата економија и ден-денес не може да се опорави. Приватизацијата во Македонија беше извршена и под силни ултиматуми од страна на ММФ, која постави неразумно кратки рокови за трансформација на имотот – со цел побрза побрза пенетрација на странскиот капитал

Поради таквите криминални темели на кои беше поставена државата и непостоењето на законска регулатива која би го испитала стекнувањето на нивните имоти, општествените олигарси продолжија да функционираат непречено. Таквата законска регулатива треба да ги опфати сите носители на јавни функции од осамостојувањето до денес. Со законската интервенција ќе се постават сигурни темели во општеството за секому да се знае од каде му е стекнатиот имот, а воедно ќе придонесе и кон поефикасна борба за спречување на перењето пари,што, судејќи по сегашната владина структура, ни најмалку не им одговара и  истите не би се дрзнале самите себе да си ги скратат удобностите и богатството кое го стекнале.

Структурата на закон за потекло на имотот треба да  се темели на строго дефинирање и таксативно наведување на формите на легално стекнување на имотот, начинот на пријавување на имотот пред надлежните институции како и оформување на институции кои по функција ќе вршат контрола и надзор на спроведувањето на законот, со тоа впрочем и би се растеретиле одредени досегашни институции во однос на законските обврски.

Левица е единствена политичка партија во моментов во Македонија која во својата програма има предвидено ревизија на приватизацијата, казнување на ноторните случаи на криминалот извршен при приватизацијата на општествениот капитал и донесување на Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции од осамостојувањето до денес.