АктуелноБиблиотекаЛокално

Како течеле подготовките за свикувањето на АСНОМ? (ФОТО)

Пред 76 години на планината Козјак се собрале делегатите претставници на македонскиот народ, избрани на конференции по единиците и органите на народно-ослободителната власт или пак на тајни – илегални состаноци, по градовите.

Делегати имало од сите краишта на Македонија, а неколкумина дури и од Солунското поле и од пазувите на Пирин планина. Тие брзале да пристигнат на Козјак каде зимата, пролетта и летото 1944 година се веело знамето на Ценатралниот комитет на Комунистичката партија на Македонија и Главниот штаб на Македонија.

Делегатите избрани од народот брзале високо да ја издигнат народната борба и со смел и одлучен глас да објават на целиот свет дека вековните стремежи и борби на македонскиот народ за слободен живот се реализираат, дека бројните жртви дадени во борбите против поробувачите од Отоманската империја, балканската буржоазија и фашистичките окупатори ги донеле своите плодови, македонскиот народ под раководство на партијата, под раководство на Јосип Броз Тито се ослободува од вековното ропство.

Во јули месец пристигнале и тие делегати што од една или друга причина не успеале да пристигнат на Козјак во пролетта 1944 година, тие што биле останале кај единиците и ги издржале борбите во Пролетната офанзива, како борци или раководители. Сосема разбирливо било тогаш, во условите на фашистичка окупација, да можат да се изберат 116 делегати на разновидни конференции и потоа да се соберат на планината Козјак и да се знае дека политичките и воени успеси што во тригодишната борба против фашистичките окупатори, биле толку големи што сосема јасно укажува дека свикувањето на Првото заседание на АСНОМ било реален факт.

Целата територија на Македонија со исклучок на градовите и поважните комуникации во летото 1944 година претставувале слободна територија. Окупаторот бил принуден да се повлече во своите постојани гарнизони. Народот од секаде масовно стапнувал во редовите на единиците на Народно ослободителната војна и ПОЈ.

Проблем било да се прифатат новите борци, вооружаат и вклопат во единиците или формираат нови. Какво било расположението кај широките маси, најубаво го карактеризирала една радиограма од овој период испратена од Главниот штаб на Македонија до Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во која меѓу другото се вели: „Сето Куманово се сели кај нас…“

Во таква една политичка ситуација, кога сосема точно можело да се тврди дека целиот македонски народ се кренал на општонародно востание, иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, заедно со ЦК на КПМ и Главниот штаб ги привршувал последните подготовки за одржување на заседанието на АСНОМ. Многу непреспиени ноќи минале околу барањето решенија за одделни проблеми што требало да се решат во периодот на подготовките.

Покрај извештајот за работата на Иницијативниот одбор и Главниот штаб, рефератите за развојот на Народно-ослободителната војна и развојот на органите на народната власт, се подготвувале и проекти – нацрти за повеќе одлуки и решенија што требало Собранието при своето конститутирање, по разгледувањето, да ги донесе. Имало и технички проблеми да се подготват и разрешат, како што биле да се избере место каде ќе се одржи Собранието и просториите да се декорираат и подредат според празничното расположение и значењето на денот на Првото заседание.

Делегати пристигнуваат на Првото заседание на АСНОМ

Покрај ова, Главниот штаб на Македонија требал да ја осигура безбедноста на заседанието. Во оваа смисла сите селски стражи, сите единици од командите на местата во Кумановско и Врањско подрачје биле ставени во приправност со задача навреме да ги откријат движењата на окупаторските војски и полицијата и со борби да го задржуваат нивното евентуално настанување кон манастирот Прохор Пчински. Исто така, во приправност биле и Врањскиот, Босилеградскиот и Кумановскиот партизански одред, распоредени на планинските врвови околу манастирот каде што се одржувало Првото заседание.

Во непосредна близина на манастирот Прохор Пчински во приправност биле Третата и Четвртата Македонска Ударна Бригада, готови секој момент како рисови да се нафрлат на окупаторот ако од некаде се појави. Благодарение на тие подготовки работата на заседанието протекла без да биде вознемирена од окупаторот.

Покрај низата други работи на ЦК, КПМ извршил и солидни подготовки да ги извести широките маси на теренот и борците во единиците за значењето на Заседанието на одлуките што требало да ги донесе, а едновремено со ова и да се повика народот од Кумановскиот, Кривопаланечкиот и Врањскиот крај да присуствува на Заседанието, за да на тој начин и во овој историски најзначаен ден за македонскиот народ ја манифестираат својата борбеност и готовност, да ја продолжат борбата до конечно ослободување на сите југословенски народи.

Насекаде низ Македонија воените и партизанските единици пред одржувањето на Заседанието, како и на самиот ден на неговото одржување, извршиле низа борбени акции во чест на Првото заседание на АСНОМ, во чест на денот кога македонскиот народ преку своето највисоко политичко-претставничко тело се конститутирал во слободна нација, во слободна држава во составот на југословенската федерација утврдена на II заседание на АВНОЈ во Јајце.

Народот низ цела Македонија со голема радост го очекувал денот на Заседанието, а изутрината на Илинден од сите страни на слободната територија се точеле долги колони во живописни народни носии со високо истакнати знамиња и со песна и музика и се сливале во дворовите на манастирот Прохор Пчински.

Народен собор и оро во дворот на Св. Прохор Пчински (2.8.1944)

Кога Заседанието ги донесувало своите историски одлуки тие со радост ги поздравувале, свесни дека тој ден на кој што било и симболично поврзана неговата борба со борбата на национално-револуционерниот период, која најсилно била истакната во Илинденското востание, е најзначаен ден во историјата на македонскиот народ, ден кога се прогласувала неговата слободна држава за што со вековите се борел и за што неговите најдобри синови и ќерки ги положиле своите животи.


Извор: „Наш весник“, 1 август 1964 година