Ексклузивно сведоштво за масакрот од бугарските фашисти во Долно Јаболчиште и отпорот на селаните

Претседателот на Левица – Димитар Апасиев на својот профил ја објави приказната за отпорот во велешкото село Долно Јаболчиште против бруталните злосторства на бугарскиот окупатор.

„..Тогаш, фашистите почнуваат со мачење и убивање… Вкупниот биланс од дивеењето на овие ѕверови е 11 убиени селани и многумина осакатени, а целото село било физички малтретирано и понижувано. Но, никој од нашите сограѓани Албанци од Долно Јаболчиште не ги предаде партизаните! Никој не кажа каде се кријат, ниту кои се нивните јатаци. p.s. Извршеното ѕверство не ги одврати тамошните селани од поддршката за НОВ. Повеќемина се вклучиле и во партизанските одреди, а барем четворица младинци од ова село загинале како партизани, во борбите против балистичките и останатите непријателски сили.”

Розина (Ружа) Бак

Во продолжение објавуваме ексклузивен текст на германската партизанка Розина (Ружа) Бак, која била дел од партизанската чета што се криела во селото. После војната, Розина станува сопруга на еден од партизаните и останува да работи како новинарка во Македонија. Во текстот е експлицитно прикажано бруталното мачење од бугарските фашисти врз локалното албанско население, кое и покрај тортурите и касапењето, одбило да ги предаде партизаните. Додека локалните квислинзи од политичари вршат предавство на херојските жртви дадени за слободна Македонија, повторувањето на историјата и потсетувањето какви херои родила нашата татковина е потребно повеќе од било кога.


Еднаш во мај 1942 бев во Долно Јаболчиште. Во куќата на Асим Изетев. Ме одведоа во собата каде беа жените. Тука беше Битула.
„Биди спокојна – рекоа, – ако не сме мажи, од нас никој нема да разбере дека си тука или дека си била тука.” Разговаравме долго. Целиот ден. Се дури не се стемни и дури другарите не дојдоа по мене. Кога појдов ми бутнаа в раце две пешкирчиња.

„Ова е за тебе. Ќе ти треба. Нам, на жените, повеќе ни требаат вакви работи. Ако си партизанска сепак си жена.” Потоа уште неколку пати одев во Двете Јаболчишта, Горно и Долно. Последен пат бев во Долно Јаболчиште во јуни 1942 година. Планината беше блокирана од фашистичките единици. Пред тоа нашиот одред се бореше со истите тие војски и се извлече накај Велес, само ние дваицата останавме. По извесно време и ние требаше да појдеме кон Велес. Не’ криеше Асим и неговото семејство: прво по куќите во селото, а потоа не’ одведоа во една пештера. Асим доаѓаше секој ден ни носеше леб и вести. Планината сеуште ја претражуваа – но теренот околу двете Јаболчишта го поминале. Можевме да бидеме поспокојни. За некој ден и ние ќе можеме да појдеме кон Велес.

Еден ден Асим донесе една кошула, сапун и една кошница шумски јаготки:
„Ова, рече, ти го испратија жените и те поздравија – сега ќе се вратиш во планината пак да дојдеш кај нив…” Јас не се вратив веќе ни во едно Јаболчиште, но луѓето ми раскажуваа за борбата на селата и за оној ден кога фашистите заклаа осум души. Луѓето што беа присатни ни раскажаа зашто за тој настан нема записник а ако и имале некој извештај напишан тој фашистите го однеле со себе.

Асим никогаш не ми зборувал за тоа. Еднаш само по ослободувањето донесе пак кошница шумски јагоди:
– „Те поздравија жените, рече, и ти ги праќаат јагодиве. Една од нив загина – Битула. И татко ми загина. И шесмина други. Ти сигурно го знаеш тоа.” Го знаев. Многумина ми раскажаа за тоа: Партизаните по нашето одење наскоро пак се вратиа во планината. Наесен одредот “Димитар Влахов” имал многу успешни акции и секој пат се враќаше во базата под Лисец. Во двете Јаболчишта печеа леб за нив, а жените им плетеа чорапи и џемпери. Така дојде и октомври 1942 година. Врнеше тие денови, а есенските мокри и студени магли се спуштаа од кај Лицец врз селата. Партизаните се враќаа од Албинци каде што одржаа митинг и минаа покрај Долно Јаболчиште , земаа што им беа спремиле селаните и заминаа во базата.

Утредента, дури сонцето уште не се пробило низ маглите во селото навлезе бугарска фашистичка војска. Дојдоа и агенти и полицијци. Селаните, мажи, жени, и деца, што имаше човек в селото се собраа сред село. И рекоа:
– Да не мисли некој дека ќе избега – три редици војска има околу селото. Пиле ако летне ќе го убиеме…
Селаните молчеа.
– Каде се партизаните? – запрашаа потем.
Од селаните никој ништо не рече.
– Ќе го запалиме селото – рекоа фашистите.
Пак молчеа селаните.
Потоа го извикаа Изет.
– Ти, стари, на партизаните леб си им носел, ти си им јатак… кажи сега каде се!
Старецот молчеше. Потоа го повикаа син му. Асим застана покрај таткото.
– Каде се партизаните? – ги запрашаа.
– Од каде ние да го знаеме тоа – рекоа таткото и синот.
– Ќе го тепаме татко ти, му рекоа на Асим, ако не кажеш…
– Тепајте ме мене, рече Асим.
– Не, рекоа, ако не кажете него ќе го тепаме, неговите седи коси ќе ги искорнеме…
И го тепаа старецот. Потоа запалиа оган и го обесиа Изет над огнот. Му ги печеа нозете. Тој молчеше и син му молчеше и целото село молчеше. Старецот жив потоа го секоа и долго го дотепуваа.

Тогаш се свртеа кон жените. Ја побараа Битула, со неа излезе и нејзиниот малечок син.
– Каде се партизаните?, ја запрашаа.
– Не знам. рече таа.
– Спомни си. Рекоа фашистите.
Таа молчеше. Почнаа да ја тепаат а детето се обидуваше да ја одбрани. Тогаш еден од војниците ја крена пушката:
– Кажи каде се партизаните зашто ќе ти го убиеме детето.
Битула молчеше. Само солзи и потекоа низ образите. Војникот пукна, на детето му потече крв низ раката. Битула престана да плаче и се исправи. Потоа ја заклаа. Детето го скриа селаните.

Тој ден фашистите отепаа осум души во селото. Го отепаа Изет Љатифов, Битула Мустафева, Беџет Мустафов, Шукри Мемедев, Јусуф Мамудов, Расим Абазов, Абаз Мамудов и Девер Исафов. А долното Јаболчиште сепак не рече каде се партизаните.


Р. Бах