Жртвите на империјалистичкото насилство не смеат да дозволат да бидат пацифисти

Владејачката класа нè излажа за моралната природа на насилството. Преку систематски промовирани банализирања околу тоа дека насилството е секогаш погрешно, прекумерното величење на Ганди во западните медиуми и искривени податоци за револуциите во буржоаското образование, на левицата од Првиот свет ѝ се всадени наводно правични идеали, кои всушност ја спречуваат нашата способност да се бориме против угнетувањето. Оваа „пацифистичка“ пропагандна кампања не само што ја повредува можноста на левицата да создава движења, туку ги втурна во уште поголема опасност потенцијалните жртви на капиталистичкото и империјалистичкото насилство.

Приказ на американските злосторства од Корејската војна

„Дали велите дека верувате во ненасилство, само затоа што не сметате дека насилството е корисна тактика во ситуации во кои би се наоѓале лично вие?“ – напиша Џон Сприцлер. „Ве молам разберете дека вашето верување, иако е можеби точно, не ве прави следбеници на филозофијата на ненасилство. Постои огромна разлика помеѓу размислувањето дека насилството е несоодветно во одредена ситуација наспроти размислувањето дека е морален неуспех некогаш да се користи  дури и во самоодбрана, според филозофијата на ненасилство.“

Кога ќе ја погледнеме историјата – особено таа историја каде луѓето морале да се одбранат од насилството на американската империја – увидувајќи ја оваа разлика може да направиме дистинкција помеѓу тоа дали милиони луѓе ќе дозволат да бидат убиени од империјалистичките агресори или не. Кога САД ги окупираа Филипинските острови во 1898 година, луѓето таму немаа опција да се спротивстават ненасилно. Тие беа соочени со агресор кој многу брзо покажа дека е подготвен да користи тактики како што се палење на села, употреба на тортура со вода и неселективно убивање цивили со цел да се уништи отпорот. Да се ​​бара од нив да не користат вооружен отпор и да се борат за нивна слобода „мирно“ би претставувало потврда за нивното непосредно предавање на колонијализмот.

Кога САД се здружија со десничарската диктатура на Јужна Кореја со цел започнување војна со Народната Демократска Република Кореја, луѓето во земјата преживеаја во голема мера поради вооружената борба. Северна Кореја изгуби четвртина од своето население за време на војната, во услови на геноцидната американска кампања, каде што секој град во земјата беше запален. Тортурата и намерното убивање на корејските цивили, вклучително и деца, беа стандардна практика од страна на Американците. Да се ​​бара луѓето од социјалистичка Кореја да се откажат од оружјето во тој момент, или да се откажат од своите воени сили сега, би било сосема апсурдно и повеќе од навредливо.

Сепак, кога зборуваме за екстремни случаи на угнетувачко насилство како ваквите, прашањето кое е секогаш присутно во нашиот дискурс е дали угнетените имаат право да користат насилство како одговор на угнетувачите. Дури и кога немилосрдноста и бруталноста на капиталистичките колонизатори се толку очигледни, тие што се вооружуваат во самоодбрана се соочени со предупредувања од западните елити дека насилството „никогаш не е одговор.“ Ваквата состојба постои делумно затоа што нашиот дискурс е лишен од дискусии за тоа како Западот насилно ги угнетувал домородните луѓе и како капитализмот создава институционално насилство врз сиромашните. На нас не ни се кажува за корејската страна на војната од страна на медиумите кои постојано бараат да се демонизира Демократска Народна Република Кореја. Експертите и политичарите не зборуваат за тоа како американските милитаризирани полициски сили ги тероризираат сиромашните заедници кои не припаѓаат на белата раса или за тоа како истите угнетени заедници во Америка споделуваат заеднички анти-империјалистички политички интерес со луѓето во земјите како што е ДНРК.

Американските либерали, заглавени во верувањата за американската исклучителност и нивната подготвеност да поддржат само решенија кои вклучуваат „реформирање“ на капитализмот, не ги согледуваат системските вистини кои ги принудуваат жртвите на капитализмот да користат насилство за да се одбранат себеси. Кога постои верување дека маргинализираните луѓе во Америка можат да го подобрат својот живот гласајќи за Демократите и обидувајќи се да го направат капитализмот да функционира подобро, логично е да се предложи забрана за оружје со која несразмерно би се разоружале заедниците со поинаква боја на кожа. Според буржоаскиот поглед на светот, нема причина приватните лица да поседуваат огнено оружје, бидејќи системот ќе ги заштити. Ваквиот импулс за да ги гледаме работите само преку гледиштето на засолнетите белци од Првиот свет е засилен со селективните погледи врз антиколонијалната борба од тоа што ни го покажуваат нашите медиуми. Фетишизацијата на ненасилството вообичаено е поврзана со возвишувањето на Махатма Ганди, кој наводно докажал дека може да се добие слобода од една империја без притоа да се користи насилство. Но, дали стандардната визија дека Индија се стекнала со независност преку упорно ненасилни демонстрации под водството на Ганди е навистина издржана во поглед на историската анализа? Како што може да се претпостави, во бунтот постоеле повеќе поактивни движења отколку Ганди и неговите пацифистички акции.

Ваквата подлабока анализа на приказната за движењето за независност на Индија беше искажана од страна на мојот колега и социјалистички револуционер Раул Фернандез-Бериозобал: „Краткиот и поедноставен наратив наведува дека Ганди бил во можност да ги собере масите со мирна, ненасилна тактика, така што и ние во денешниот свет би требало да можеме да го сториме истото со цел да создадеме прогресивни политички, економски и социјални промени. Но, историската анализа брзо ја урна идејата дека ненасилството на Ганди било доволно за да ги истера Британците од Индија. Додека ненасилството на Ганди беше од инструментално значење за создавање на обединето движење за независност, сепак заканата од широко распространето насилно востание беше тоа што на крајот го собори британското владеење.

„Друг типичен пример е Јужна Африка, “ продолжува Фернандез-Бериозобал во својот есеј. „Западните либерали инсистираат на ширење на митот дека крајот на Апартхејдот се има случено на ненасилен начин, иако, всушност, во Јужна Африка имало крвави вооружени борби од 1960 до 1994 година. Од едната страна во овие борби беше расистичкиот режим на апартхејдот поддржан од страна на САД, Велика Британија и Израел, а на другата народниот отпор во Јужна Африка и АНЦ на Мандела поддржани, вооружени и финансирани од Муамер Ал Гадафи и јужноафриканските и кубанските трупи обучени од Фидел Кастро. Да, крајот на режимот на апартхејдот не се случи затоа што уметниците се обединија против глупавите песни на Апартхејдот или преку економски бојкот, туку преку оружјето и обуките обезбедени од Гадафи и Кастро, и уште поважно, со крвта на јужноафриканските и афрокубанските маченици.“

Откако ги препознавме ваквите невистинити аргументи што владејачката класа ги користи за да ги натера луѓето да отфрлат какво било насилство, како точно треба да се пристапи кон прашањето за насилство додека се обидуваме да го собориме капитализмот во Америка? Одговорот, во суштина, е да се примени прагматизам и внимателна проценка за да одлучиме кога е неопходно да се користи насилство. Овој напис секако не е наменет да биде парче утеха за социјалистите да излезат и да вршат спонтани чинови на насилство. А кога левичарските групи ќе решат да употребат насилство предвреме, отколку прво да преземат ненасилни чекори за преземање на моќ – како што тоа го направи „Weather Underground“ со нивната избрзана употреба на агресивно насилство – на крајот саботирајќи ја сопствената кауза. Ако започнете со обид да бомбардирате згради (како што тоа еднаш го направи „Weather Underground“) пред да имате изградено големи револуционерни организации или да организирате настани за масовна граѓанска непослушност, нема да ја освоите власта.

Импулсот да се влезе во класна борба преку извршување експресионистички акти на тероризам доаѓа од погрешната политичка нишка која ние марксистите честопати ја нарекуваме ултралевичарство. За разлика од марксистите-ленинисти, кои ги поддржаа стратешките и добро организирани вооружени борби во Јужна Африка и користеа воена сила за да ги одбранат комунистичките земји, ултралевичарите имаат тенденција да користат насилство во времето и местото каде тоа причинува штета. Она што ги прави марксистите-ленинисти ефективни е нивното класно образование и нивната кохерентна стратегија за преземање на власта. Во услови на зголемена опасност од националистичко насилство и распад на полициската држава, американската левица се повеќе се обраќа кон организации како што е Socialist Rifle Association за насоки како да се вооружат за самоодбрана. Ова е добро, но треба да биде придружено со обиди овие вооружени и политички активни луѓе да се едуцираат за тоа како да го соборат капитализмот. Марксистичкиот водач на Буркина Фасо, Томас Санкара, рече дека „Војникот без никаква политичка или идеолошка обука е потенцијален криминалец“, а тоа мора да биде применето во однос на начинот со кој пристапуваме кон градењето на постојните вооружени левичарски сили во земјата.

Ние мора да направиме социјалдемократите да бидат свесни за фактот дека капитализмот не може да се реформира и дека единствениот пат за ослободување на западниот свет и жртвите на колонијализмот е глобална социјалистичка револуција. Ние мора да се спротивставиме на анархистичкото тврдење дека капитализмот може да биде поразен без притоа да изградиме револуционерни држави. Мора да ја победиме империјалистичката пропаганда што се користи за демонизирање на деколонизираните социјалистички земји како Венецуела, Кина и Северна Кореја, кои заслужуваат солидарност на глобалните социјалисти во нивната борба со империјалистичката агресија. Ваквите напори за борба против буржоаската пропаганда се клучни во градењето на антикапиталистичко движење кое е унифицирано и ќе дејствува на интелигентен и стратешки начин.

Ова е поради тоа што образувањето на пролетаријатот за тоа каде треба да лежат нивните лојалности на крај е исто толку важно како и нивната едукација за потребата за одбрана против насилството на капиталистичката класа. Секое насилство во кое се впуштаат револуционерите мора да биде извршено со тактичност и воздржаност, а тоа се практики од кои капиталистичката држава се обидува да ги оддалечи своите противници. Безбедносните сили на државата можат лесно да се справат со несовесно насилниот револуционер. Но, организирана група на идеолошко-опремени социјалисти кои нема да го користат своето оружја сè додека тоа не е потребно е сериозна закана за структурите на моќ.


Превод: Александар Панајотов