АктуелноБиблиотекаИнтернационално

Ноќни вештерки или советските жени-пилоти кои навечер ги бомбардираа нацистите

На денешен ден, Москва во раните утрински часови ја прогласи официјално победата над нацистичка Германија, поради што денешниот ден се слави како Ден на победата над фашизмот. Човечките и материјалните жртви од Втората светска војна биле огромни, при што СССР претрпел големи загуби во воено и цивилно население, со што биле значително ослабени силите на нацистичка Германија и било овозможено ослободувањето на другите територии од Европа, предводено од комунистичките партии. Голем удел во победата над фашизмот има малку познатиот Ноќен бомбардерски полк 588, или како што го нарекувале нацистите – Ноќните вештерки. 

Советскиот ноќен бомбардерски полк „588“, бил составен од околу 80 жени и броел над 23.000 реализирани летови и 3.000 тони бомби фрлени врз нацистичките војски, во период од четири години. Ноќните вештерки дадоа значителен придонес за победата над фашизмот и истите беа сметани за една од најголемите закани за нацистичките војници. Тие беа омразени од Вермахтот до тој степен што секој нацистички пилот кој ќе срушел барем еден од нивните авиони, бил наградуван со престижниот медал „Железен крст“.

Составени претежно од тинејџерки и млади 20-годишни волонтерки, тие добија прекар од нацистите Nachthexen или „ноќни вештерки“, навреда која беше прифатена од Ноќните вештерки како комплимент. Називот произлегол од брзиот и краток звук од нивните дрвени авиони,што наликувал на познатото замавнување на вештерките со метлата кога летале над непријателските територии, при што ги исклучувале моторите и неприметно ги бомбардирале нацистичките цели. Овој звук бил единственото предупредување што го добивале Германците. 

Жените-пилоти оперираа во ноќните доцни часови при смрзнувачки температури. Авионите биле со доволно мали димензии за да не можат да бидат лоцирани на радарите и толку лесни што пилотките морале да лежат на крилата за време на бура за ветрот да не ги оддува. Во авионите имало место само за  две жени и две бомби. Тие не користеле радио, со што дополнително било отежнато нивното лоцирање.Тие биле сеништа од кошмарите на нацистите.

Ноќните вештерки се уникатен пример во светот за женски пилоти-борци, особено поради фактот што Советскиот сојуз беше првата држава што им овозможи на жените да летаат во борбени мисии. Во другите држави, вклучително и САД, дури и да им било дозволено на жените да летаат во нивните воздушни сили, тоа било само во улога на логистичка поддршка или транспорт.

Ноќниот бомбардерски полк „588“ денес е претежно заборавен и изоставен, но, нивното наследство на жени-борци кои биле кошмар за нацистичката армија служи како инспирација за антифашистите и жените до ден денес.