Текстилните работнички робуваат во фабриките во Делчево

Ова се случувало во робовладетелското општество,
а за жал и сега во новото современо робување.

Ништо не може да ги натера газдите на текстилните фабрики во Делчево кои, водени од своите профитерски цели, да направат реорганизација на работата на своите фарики и погони и да ги следат мерките кои ги даде Владата со цел превенција и спречување на ширењето на корона вирусот. Сите текстилни фабрки во Делчево работат во полна пареа, секој работен ден, дури и за викенди, па дури и во вакви вонредни услови одработуваат за 8-ми Март и за Задушници, како и за време на викенд по усна наредба од нивните работодавачи.

Има погони каде што работат и по 80-90 луѓе (прашање е и колкаво е растојанието од една работничка до друга) а во пола од фабриките и не се користат заштитни маски и ракавици. Според анонимни изјави од работнички, жените кои работат во такви услови, каде по цел ден седат на машините и се преморуваат од физичка работа, во толку густа концентрација на луѓе и не може да ги носат маските бидејки дополнително им отежнуваат во макотрпната работа. Истовремено, работничките кои имаат деца до десет годишна возраст (a ги опфаќа мерката на владата) одат на работа, бидејќи не знаат доколку останат дома следниот месец дали ќе земат плата. За да биде уште поалармантна ситуацијата, овие работнички кои деноноќно се над машините за да заработат плата со која едвај го покриваат месецот, мислат дека таквиот однос на нивните газди кон нив е добар, бидејки тие се труделе на секој начин да ги заштитат нивните работници при работата, давајќи им маски, ракавици и средство за дезинфекција.

Тоа е како на жеден човек кога ќе му дадеш неколку капки вода, колку да го залажеш дека ти си тој кој што му помогнал да ја убие жедта, и во тебе да гледа спасител. Тоа е психолошка тактика на тренирање на поданикот, за тој во очите на господарот секогаш да гледа како на свој спасител. Ова се случувало во робовладетелското општество, а за жал и сега во новото современо робување. Од работничка која сакаше да остане анонимна, а која е прилично свесна за состојбата во која се наоѓа (но не гледа излезност од таквата ситуација) изјавува дека состојбата во која се наоѓаат трае со години, не само сега со состојбата на корона вирусот, но дека никогаш ништо не се сменило во позитивен правец, а тие сепак мораат да го прехранат семејството.

Половина од сопрузите на овие работнички работат на полињата во европските држави, најмногу во Северна Италија, каде и беше жариштето на корона-вирусот, и од каде се вратија многумина наши сограѓани, па сега се во карантин, и прашање е на време кога и состојбата во Источна Македонија ќе ескалира. Таа е тажната приказна на Делчево и на цела источна Македонија, жените работат во текстилните фабрики за бедни пари, а мажите работат на лозјата во странство, и за многумина тоа е единствениот начин за да го прехранат семејството. А агонијата на текстилните работнички во нашата држава трае со години, и многу пати е апелирано за алармантноста на ситуацијата со работниот однос на вработените во текстилната индустрија, но според статистиките, резултатите наместо да стануваат подобри, тие стануваат полоши.

Според едно истражување од 2013 година, кое беше спроведено од локален активист кој се бори за правата на текстилните работнички во Делчево, дошол до сознание дека има околу 2.000 вработени жени во текстилните погони кои работат од 46 до 53 часа секоја седмица. Согласно Законот за работни односи, секој работник без оглед дали е во јавниот сектор или во приватниот сектор, треба да работи 40 часа во неделата и за него државните празници се неработни денови. Доколку работи повеќе од тие часови се плаќа дополнителни 30%- 50%, а пак доколку има повеќе од 156 часа дополнителни работни саати, добива 13 плата од просекот на Р.Македонија или не помалку од просекот на фирмата, односно не помалку од 12000 денари.

Според анонимни информации, последната година на работничките им е исплатена 13 плата, меѓутоа со некоја симболична сума многу помала од предвидената. За жал, во Делчево се случува криминал кој има институционална и политичка подршка. Текстилните работнички поради егзистенцијалната зависност  се принудени да робуваат оставени на милост и немилост, заборавени од сите. Локалниот активист од Делчево во своето истражување внел интересен податок во однос на користењето на антидепресивите и аналгетиците. Тој во разговор со вработен од Фондот за Здравство добил иформација дека антидепресивите се најупотребувани токму од вработени од текстилните фабрки, а како причини матичните лекари ги набројуваат физичката премореност и немањето време да се обнови и рестартира организмот, понатаму стресот и неквалитетната исхрана.

Ова само ни укажува на поврзаноста на работата, платата и квалитетот на исхраната која директно зависи од висината на платата, а кои се во корелација со општата психофизичка состојба кај поединецот која генерално е нарушена во целата држава, особено кај работниците кои се најексплоатирани, во случајов текстилните работнички кои се наоѓаат на врвот на пирамидата. Паниката и општата психофизичка состојба кај овие вработени сега дополнително е интензивирана, бидејки тие повторно спаѓаат во таргет група за евентуално ширење и распространување на вирусот, повторно ставајќи ги во групата на деградирани и дискриминирани, каде нивното здравје е ставено на секундарно ниво пред примарната цел на нивните работодавачи, а тоа е профитерството.


Ивана Стоименовска, член на Левица и дипломиран социјален психолог.