Образование во време на корона

Александар Панајотов
Педагог и член на Левица

Поради настанатата ситуација со Корона вирусот веќе еден месец не постои никаква настава во образовните институции. Образовниот систем во Македонија (кој и претходно беше кревок) сега се соочува со уште поголема закана за негов целосен колапс. Ако се прифати предлогот на поранешниот премиер Зоран Заев за намалување на платите, тука ќе бидат вклучени и просветните работници, кои и така мака мачат за на каков било поинаков начин да ги пренесат своите знаења до учениците и студентите преку алтернативни начини (Viber, Facebook, Skype и сл.), поради што квалитетот на образованието ќе падне уште повеќе.

Дотолку повеќе што овие алтернативни методи не беа одобрени од страна на МОН како соодветни, министерот за образование Арбер Адеми најпрво реши да ја прошири веќе постоечката платформа ЕДУИНО за деца до 10-годишна возраст со цел да го опфати целото основно образование. Но, поради неможност за изнаоѓање на соодветна официјална платформа за средното и високото образование, министерот Адеми се предомисли и ги одобри алтернативните начини – со цел да може да се изврши оценување и евалуација на учениците и студентите, за што гореспоменатата платформа е неприменлива.

Да не го спомнуваме и фактот дека за голем дел од предметите кои се изучуваат во основното образование содржините беа несоодветни (во најмала рака спорни) туку и за одредени предмети најавуваните нови учебници за учебната 2019 -2020 година воопшто и не се остварија (како што е примерот за учебниците по музичко образование за VI до IX одд).     

Нејсе, „новата“ онлајн платформа е бескорисна за учениците и студентите кои потекнуваат од руралните и социјално – ранливите средини, како и самите наставници, за кои Министерот Арбер Адеми тврдеше дека тоа претставувало „предизвик,“ но наместо да е господар на очигледното, МОН и владата би можеле да преземат одредени мерки за справување со проблемот. Како на пример, доделувајќи им бесплатни компјутери и пристап до интернет на тие категории, како и нивно обучување. Исто така, создавањето на сеопфатна официјална онлајн платформа за сите сегменти во образованието би била добредојдена, и не само во случаи на криза.

Според моменталната состојба во која се наоѓаме, може да се сумираат следните проблеми кои се влечат веќе со децении:

· Слаба инклузивна стратегија за компјутеризација и дигитализација на образованието на директните имплементатори на реформите, предавачите, учениците и родителите во сите образовни институции;

· Непостоење на раководно тело за евиденција или катедра за раководење со процесот на компјутеризација и дигитализација на образованието. Ако веќе постои, не е ефикасно;

· Постои многу мал трансфер на искуства/ефективни модели на спроведување на процесот во образовните институции;

· Се детектира слаб менаџерски капацитет на училишните заедници, брзи и непромислени промени на училишната администрација поради партиска позадина, што доведува до губење на ефектот на трансфер на искуства и неефективна распределба на знаењата и искуствата кај предавачите;

· Непостоење на ИКТ култура во образовните институции во однос на соодветната употреба на ИКТ опремата, со висок степен на злоупотреба на ИКТ за цели поинакви од наставните;

· Необврзаност на училишниот раководен кадар за изработка на план за развој на ИКТ во училиштето од аспект на состојба, ресурси, капацитети на наставниот кадар, ИКТ култура, веб-промоција, онлајн комуникација и соработка како и дигитализација на содржините;

· Недостаток на претходна обука на учениците, студентите и предавачите за употреба на ИКТ во наставниот процес;

· Искористувањето на веќе достапните бесплатни платформи и креирањето на дигиталните содржини и веб-локации за споделување на наставните материјали, па и можноста за соработка и комуницирање, се на загрозувачко ниско ниво.

За подобрување на оваа тажна слика, за почеток би можеле да се применат следните мерки и решенија:

· Поголема транспарентност и отчетност во однос на досегашните активности на компјутеризација и дигитализација во образовниот процес;

· Поголема соработка и функционалност помеѓу одделенијата во Министерството за информатичко општество и Министерството за образование во однос на ова прашање;

· Воведување на систем на сертифицирање и наградување на наставниците кои успешно воведуваат и користат ИКТ во наставниот процес;

· Потребна е поголема вклученост на локалната самоуправа преку овозможување развој на локален план за одржување на ИКТ опремата, во однос на одржување, амортизација и осигурување на ИКТ опремата во образовните институции;

· Континуирани обуки.

Решенија и начини за подобрување и унапредување на образовниот систем (како столб на општеството) постојат, но потребна е политичка волја и визија без политикантски и лукративни интереси.