Левица повика на протест со стечајците од „Треска” во петок

„Три децении работниците од некогашниот гигант „Треска“ се принудени да живеаат во социјална маргинализација, заглавени во правните лавиринти на неправдата. Со години корумпираните политички елити предводени од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, во спрега со олигархијата, манипулираат со судбината и достоинството на оваа група. Иако стечајците во текот на  годините повеќепати преку протести бараа помош од секоја влада, нивните барања остануваа игнорирани. Дури и Владата предводена од СДСМ одби средба со стечајците под изговор дека решението на нивниот проблем може да го добијат само преку адвокат. Ова однесување од СДСМ и неговиот таканаречен план за живот не само што се скандалозни – туку се и нечовечни“, соопшти Левица.

Според оваа партија, јасно е дека станува за уште еден милионерски грабеж на државен имот, директно помогнат од владејачкиот естаблишмент во текот на годините.

„Правно решение за овој случај речиси и да не постои и тоа раководството на СДСМ многу добро го знае. Наместо Мила Царовска да ја замајува јавноста со парцијални и понижувачки социјални мерки, потребно е да се посвети на итно решавање на статусот на стечајците, кои својот живот и своето достоинство го потрошија на корумпираните и лукративни игри на сите досегашни влади. Недозволиво е, додека партиската армија зема енормни надоместоци за да не оди на работа, оние работници што чесно работеле да живеат на работ на егзистенцијата! За каква социјална политика тогаш зборува бившата министерка Царовска кога проблемите на стечајците се невидливи за неа? Токму поради тоа, Левица, заедно со стечајците од ‘Треска’, ќе одржи протест овој петок, со почеток од 10 часот пред поранешната фабрика со седиште на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 130.

Добредојдени се сите да ги искажат солидарноста и поддршката против секојдневната неправда врз работничкиот народ. Само обединети стечајци може да се изборат за своите права, само обединета работничка класа може да се избори за подобра иднина. Правда за ‘Треска’! Правда за стечајците“, се вели во повикот.