Пазарџиите повторно на протести
Вчера протестираа пазарџиите од Зеленото пазарче, поради што сообраќајот во центарот на градот беше во колапс.
Причина за протестот е зголемувањето на цената за паркинг од страна на „ПОЦ“ кое започна од 8-ми јануари. Цената беше покачена за дваесет денари по час. Пазарџиите револтирани порачаа дека со зголемувањето на цената на паркингот им се нарушува и онака слабиот промет на пазарот. Нивното барање беше првиот час за паркирање да е бесплатен, а за секој нареден час да важи старата цена.
Децении на непланска урбанизација во услови на слободен пазар помогнат од корумпираните политички елити го направи живеењето и транзитирањето низ центарот на градот невозможен. Поскапувањето на паркингот претставува, во очите на нарачателите, мерка за справување со сообраќајниот хаос и обид за стимулирање на граѓаните да користат алтернативни методи на превоз. Ова како пристап кон решавање на проблемот со паркирање и сообраќај е докажано како нефективен со оглед на тоа што истата аргументација беше искористена и при воведувањето на зонско паркирање а тоа воопшто не го реши проблемот. Се што постигна беше полнење на буџетската каса, додека граѓаните завршија да бидат тие кои се казнети за лошите политики.
Според претпријатието ПОЦ, решението на проблемот треба да се бара во „Скопски Пазар” кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги. Се работи за истата приватна фирма против кои пазарџиите протестираа пред два месеца заради поскапување на тезгите. Очигледно интересот за профит на приватизираното претпријатие,,Скопски Пазар”, во економијата предводена од слободниот пазар, најмногу ги погодува пазарџиите и нивните скромни приходи.