15 Октомври – Ден на руралната жена
- Пишува: проф. д-р Благица Сековска, АФЖ – Левица и Сектор земјоделие
„Кога жената претставува значаен дел на фармерството и/или на земјоделските канали за додадена вредност, грешката на неискористувањето на нејзиниот полн потенцијал е фактор кој придонесува за бавен раст на економијата, сиромаштво и несигурно снабување со храна”.
Генералното собрание на Обединетите нации на 18 декември 2007 година со резолуцијата 62/136 го одреди 15 октомври како Ден на руралната жена, препознавајќи ја и воедно признавајќи ја значајната улога на руралната жена во развојот на руралните средини и земјоделското производство, подобрување на сигурноста за храна и борбата со руралната сиромаштија. 45% од светското населението живее во рурални средини, а 49% од тоа население се жени. Жените претставуваат значаен процент од работната сила во земјоделството во многу делови од светот. Тие произведуваат 50% од целата храна во светот, а дури 60-80% од храната во земјите во развој (FAO). Воедно, жените најголем процент од својот приход трошат за подобрување на благосостојбата и тоа повеќе за прехранбени, од колку за непрехранбени цели, повеќе се грижат за нутритивните вредности на храната, трошат повеќе за едукација и здравствена грижа за децата, но, споредени со мажите, тие немаат соодветна пропорционална застапеност во приходот, а воедно имаат отежнат пристап до можности, ресурси и политичко влијание (добиваат само 7% од приходот во секторот(OECD).
Постигнувањето на родова еднаквост и зајакнувањето на жените не само што е вистинската работа, туку е критична состојка во борбата против екстремната сиромаштија, гладот и неухранетоста. Давањето на жените исти можности како и мажите би можело да го зголеми земјоделското производство за 2,5 до 4 отсто во најсиромашните региони, а бројот на неухранети луѓе би можел да се намали за 12 до 17 отсто.
Во Македонија руралните жени и жените од етничките малцинства и понатаму се ранливи и маргинализирани, особено во однос на нивниот пристап до образованието, здравството, вработувањето и учеството во политичкиот и јавниот живот. Руралните жени се соочуваат со многу повеќе предизвици во однос на жените од урбаните средини. Имено, имаат многу поголемо растојание од руралните средини од центарот, мала густина на населението и ограничените понуди на јавни услуги, водата е во ограничени количини за да ги задоволи нивните потреби и е со лош квалитет, канализациски системи не постојат, патната мрежа е слабо развиена и без редовно одржување, патријархалниот и конзервативен менталитет кој сè уште владее во руралните средини, отежнат пристап до јавен превоз, јавниот превоз е повеќе достапен во низинските рурални предели и им дава можност за мобилност на жените, во однос на управувањето со возила сè уште постојат родови стереотипи, (бројот на жени што управуваат моторни возила е помал од бројот на мажи и тие сè уште не управуваат со тешка земјоделска машинерија. Ова ги става руралните жени во тешка и доста неповолна положба бидејќи имаат ограничена мобилност (не можат да одат сами на доктор, не можат да ги носат децата до најблиските детски градинки, не можат да одат до Агенцијата за вработување за да бараат работа и да бидат редовно информирани итн.), понеповолната економска положба, тешкотии во пристапот до пазарот на работна сила, поголеми обврски околу семејството и грижа за членовите на семејството, недостиг од ефективно користење на сопственичките права, во руралните области не постојат установи за грижа за децата, релативна невидливост во повеќето од земјоделските и руралните развојни програми, нивна недоволна застапеност во процесите на одлучување и слично.
Ковид кризата и економската рецесија после неа само дополнително го зголеми веќе диспропорционалниот товар врз жените, кои се грижат за домаќинството, работат прекаритетни работи каде не уживаат основна заштита при работа, и во значително поголем обем се жртви семејно насилство. Руралните жени се често неформално вработени, без социјална заштита, за време на кризата во голема мера загубиле работа, додека истовремено се очекува да се грижат за домаќинството во кое може да има болен член или деца чиј образовен процес се случува во домашни услови. Дополнително, кај оваа ранлива категорија евидентирано е значително присуство на чувство на изолација, губење на социјалните контакти и мрежата на поддршка која меѓусебно си ја овозможуваат. На овој начин, значително е ограничена и размената на информации.
Според последниот извештај на UN Women, сегашното нарушување на пазарите на храна и енергија, поради тековните случувања во светот, само ги интензивира родовите разлики, предизвикувајќи стапки на несигурност во храната, неухранетост и енергетска сиромаштија. Понатамошната криза на трошоците за живот остро ги загрозува егзистенцијата, здравјето и благосостојбата на жените. Тоа беше поттикнато од воените прекини на снабдувањето со нафта и гас и основни прехранбени производи, проследено со вртоглаво зголемување на цените на храна, гориво и ѓубрива. Алармантно зголемување на родовото насилство, трансакцискиот секс за храна и преживување, детските бракови (со девојчиња принудени да го напуштат училиштето), како и неплатената грижа на жените и девојчињата и обемот на работа во домаќинството дополнително го загрозуваат физичкото и менталното здравје на жените и девојчињата.
Кога станува збор за можности за развој и еманципација на руралната жена и тука условите се неповолни, имено само 5% од руралните жени се сопственици на имот и земјоделско земјиште. Руралните жени имаат отежнат пристап до работни места, па така највисоки стапки на невработеност се забележани кај младите рурални жени, од кои 59% се на возраст од 20 до 30 години. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот, а како најважни причини за тоа се грижата за децата, како и нивната неплатена работа во домаќинството и на семејните фарми. Жените од руралните средини се двојно дискриминирани, поради тоа што се жени, но и поради тоа што живеат во рурални средини. Дури и мерките кои се наводно за нивно зајакнување имаат дискриминаторски карактер. Имено, мерката 115 во четири годишната програма за рурален развој 2018 -2021, постави дискриминаторски услови за поддршка на активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри. Неопходно е владата да воспостави сет на економски мерки за реално зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа, остварување на правото на пензија и породилното отсуство. И во поглед на породилното отсуство жените земјоделки се дискриминирани, бидејќи немаа право на користење на истото. Политичката партија Левица поднесе предлог за исправање на оваа неправда (Измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување), со кој се исправи долгогодишната неправда и платеното породилно отсуство за жените земјоделки конечно е возможно.
Обединетите Нации оваа година по повод 15 Октомври ја дадоа темата „Жените од руралните средини обработуваат храна за сите“, точно поради тоа што руралните жени се, процентуално, голем и значаен дел од прехранбената индустрија и треба да им се овозможат подобри услови за работа, како и да им се помогне во насока на родова еднаквост, социјална правда, пристап до различни видови услуги, заштита и почитување на нивните права и подеднакво вклучување во сите сфери од општествениот живот, особено на локално ниво.
На сите нас останува да ги поддржуваме руралните жени и девојки и да ги охрабриме активно и рамноправно да учествуваат во донесувањето одлуки на сите нивоа, со цел подобрување на квалитетот на живот, како и да го зголемат нивниот пристап до соодветни алатки, технологии, инфраструктури, информации и институции – со цел да се изгради родово-сензитивно општество и подеднакво учество на жените од руралните средини во секој животен/општествен сегмент. И покрај овие ограничувачки фактори, жените можат да бидат многу поуспешни во земјоделството ако ресурсите и можностите се поправедно распределени!
Да не заборавиме дека раката што ја ниша лулката, може да ја заниша и државата.
Честит ден на руралната жена!!!