Откако лидерите на фамозниот „Западен Балкан“ конечно си ги сломија носевите чукајќи пред портите на Бриселските бирократски сараи, сега решија да си играат сами во „мал шенген“. Дилемата е само дали има некој кој ги надгледува децата во оваа нивна неизвесна и бескомпасна игра (а оттаму и опасна) или решиле да си играат сами на своја глава?
Доколку ова е навистина нивна самостојна иницијатива, не е страшно, ова се бледи политички фигури кои во нивното тонење на домашната политичка сцена се фаќаат за сламки подадени од надвор. Очигледен е крахот на нивните партии во домашната политичка борба, а со тоа и нивните лидерски позиции и политички оставштини (се надевам). Ова особено важи за Еди Рама и Зоран Заев, кои буквално политички егзистираат на апарати и во секој момент се чека нивниот крај, впрочем со ваквата реалност веќе се помирени и нивните потесни кругови. Но, што ако ова не е нивна игра, што ако е уште еден проект на нашите „стратешки партнери” од Западот. Еве да не звучиме заговорнички, да ги погледнеме материјалните околности што навистина значи и до што цели да доведе овој проект наречен „мал шенген“.
Прво, како што самите иницијатори и промотори најавија, малиов шенген ќе ти бил проект во насока на „отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на трите држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги“. Што ќе рече, мотивацијата на еден ваков проект е чисто од економска природа, то ест Балкански сојуз за олеснување на движењето и протокот на капиталот, односно полесен оператиевен маневар за странските инвеститори и разни други бизнис матори. Овој проект не е ништо ново, туку само дополнително продалбочување на трговскиот договор за слободен пазар ЦЕФТА, односно дополнителна либерализација (читај приватизација) на сѐ со што располагаат овие региони, па дури и со нивниот човечки потенцијал како работна сила која пазарот ја вреднува само како орудије. Патем, сите земји од оригиналниот договор на ЦЕФТА, со исклучок на Македонија, влегоа во Европската унија и со тоа го напуштија овој договор.
Понатаму, да го видиме папагалски повторуваниот аргумент дека ова е иницијатива која ќе го „поврзе Балканот“, односно пред сѐ овие три земји.
Секако дека нема ништо лошо во меѓусебното интегрирање на балканските народи, но еве на пример, наспроти незаузданиот пазар, во обединувањето може да се почне преку иницијатива за една поширока Балканска даночна унија. Со едно ваква подлога на обединувањето – каде ќе се унифицираат условите кои им се нудат на странските инвеститори – белким конечно малку ќе успори оваа трка кон дното која балканските држави ја водат во меѓусебниот натпревар за привлекување на странски директни инвестиции. Патем, сведоци сме дека ваквата трка во тоа кој повеќе ќе им удоволи на странските капиталосопственици, инвестициите ги претвори во работнички логори, а околината во еко-хаварија. Натпреварот кој е наметнат од овој концепт на економски развој преку наддавањето во нудење поволности, до степен на оставање отворени раце буквално да прават што сакаат и каде сакаат, стана главно оружје против работниците, а во нашиот случај и против културната егзистенција на нацијата како колектив!
И на крај, за односот на ЕУ и САД кон ваквиот прокет на Западниот Балкан.
Секако, за една ваква иницијатива нема потреба од правдање пред западните господари, напротив, ова само може да поттикне пофалба од нивна страна, иако морам да признаам крајно трагикомично ми изгледаше правдањето на трите лидери дека тие не граделе Југославија – зарем! Како и да, одамна е јасно дека ЕУ не само што нема да се шири, туку и се повеќе ќе се обидува да се стесни, односно ослободи од обврски кои произлегуваат од нејзината политика за регионален развој и кохезија во рамките на Унијата. Но, сепак еден ваков сплет на околности на западниот Балкан, каде регионот ќе се стави во геополитичко лимбо одлично одговара на ЕУ – дечки сега не сте ни потребни, НО отворете го пазарот, дајте ни ги ресурсите (човечки и материјални) и немој случајно да барате алтернатива!