ДУИ, Муса Џафери и Горно Нерези – пријавен и непријавен имот во антикорупциска

Село Горно Нерези е познато по манастирот Свети Пантелејмон изграден во 1164 година кој со својата архитектура, а особено живопис е предвесник на ренесансата. Но ова село е далеку повеќе популарно меѓу круговите на политичарите и бизнисмените. 

Како што може да се види од податоците на Катастар, во ова село имот поседуваат многу познати личности. Така Жан Митрев поседува повеќе од 5.000 метри квадратни. Имот поседува и Александар Караѓозов, поранешен директор на клиника кој своевремено беше поврзуван со неколку скандали. Имот има и Делче Арсоски, раководител на Игра Загреб за кого СЈО има предмет проади лажно прикажување на податоци при реконструкцијата и доградбата на ЈЗУ Тетово.

Во листата на лица сопственици на недвижен имот во Нерези се и Гоце Камчев, Ратка Куноска – Камчева, Кристина Камчева – Стојческа, Љупчо Тодоровски, Тони Ангелковски…

Ова село од каде се гледа голем дел од Скопје и каде во зимскиот период има залихи на чист воздух е доста популарно и за функционери на ДУИ. 

Над 10 илјади метри квадратни поседува Енвер Малиќи, заменик градоначалникот на Скопје, член на советот, почесен конзул на Мексико и сопственик на Гемак Траде. Имот има и Висар Фида и тоа парцела со површина од 2.623 метри квадратни. Фида беше директор на Агенцијата за странски инвестиции, а токму како директор користел стипендија од 90 илјади фунти од Министерството за образование.  Тука е и Муса Џафери кој поседува 614 метри квадратни.

Токму името на Муса Џафери е спорно бидејќи овој функционер овој имот го нема пријавено во задолжителниот анкетен лист кој се доставува до Државната комисија за спречување на корупција.

Тој во последниот анкетен лист доставен до ДКСК во својство на Заменик на претседателот на владата на Република Македонија има наведено дека поседува: земјоделско земјиште во Зајас, стан во Урошевац, моторно возило Фолксваген Голф плус, но и месечен приход од швајцарско осигурување во висина од 112.000 денари. Овој приход е наведен како имот на брачниот другар. Покрај ова поседува и финансиски инзоси на повеќе банкарски сметки односно картички во Комерцијална банка.

Тука не фигурира недвижниот имот односно двете парцели, 1601/2 и 1598/2  кои се наоѓаат на имотниот лист 12125.

Според членот 33 од “Законот за спречување на корупција”, секој функционер и одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при избор или именување, а најдоцна во рок од 30 дена од изборот или именувањето пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижени предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или сопственост ан членовите на неговото семејство.

Не е спорно дека Муса Џафери има пополнето анкетен лист и истиот го има доставено до Државната комисија за спречување на корупција, но зошто го нема пријавено?

Да претпоставиме дека тоа го направил од причина што наведениот, непријавен имот, го стекнал по именувањето на позицијата. Но, во овој случај, согласно членот 34 од истиот закон, секој функционер е должно во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот. Исклучок од ова е доколку вредноста на истиот имот не надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период.

Тоа значи дека доколку новостекнатиот имот т.е. парцелите 1601/2 и 1598/2  ги има купено за износ помал од дваесет просечни нето-плати тогаш истиот нема обврска да го пријави во Антикорупциска.

Доколку се истражи по интернет огласите тогаш најниската цена по која може да се купи земјиште во Горно Нерези е околу 100 евра за метар квадратен, а во најголем дел од огласите е наведено 150 евра по метар квадратен.

Да претпоставиме дека парцелата 1601/2 која е со површина од 182 метри квадратни Џафери ја има купено по цена од 100 евра. Тоа значи дека за истата платил  18.200 евра или во денарска противредност 1.119.300 денари, износ кој е далеку повеќе од 20 просечни нето плати.

Согласно членот 36, потребно е да се покрене постапка за испитување на имотната состојба со што се предвидени соодветни казни. Оттука Државната комисија за спречување на корупцијата, УЈП и останатите надлежни институции треба веднаш и неодложно да поведат постапка против Муса Џафери со цел расчистување на целиот овој случај.

Но, според досегашната пракса, Државната комисија за спречување на корупцијата низ минатото (и денес) се покажа како заштитник на корупцијата наместо тело кое треба да ја спречува и санкционира. Партиски членови наместо независни експерти и со “Ја нисам одавде” и “Ја ништо не знам” се бореа против функционерите кои не пријавуваа имот, непотизмот и судирот на интереси па така не треба да не чуди и доколку ова тело не преземе никакви чекори против заменикот претседател на Владата на Република Македонија.