Македонско име нема да загине


– Пишува: Мери Георгиевска, член на Левица –  Сектор култура

Помина уште еден 11 октомври. Дали ќе треба да поминат уште неколку во лабавата неподносливост на постоењето, за да се укаже чест на паднатите борци за Македонија, и уште поважно, да се удостојат граѓаните кои не се откажале од своите предци и достоинствено и во иднина ќе сакаат да им дадат помен и поклон на истите?!?

Колку чини честа да се возобноват спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и Куманово?

Министерството за Култура доколку не блеска со својата развојност, не стагнира, туку малигнира, пропаѓа!

Спомениците се запуштени и руинирани, а во изминативе пет години единствена интервенција која беше направена на спомениците од НОБ беше бришењето на зборовите – бугарски фашистички окупатор.

Министерството на чело со министерката токму тргнувајќи од стравот дека ќе бидат осудени од отворените непријателства, кои години наназад се обидуваат да ја распарчат Македонија, треба да се охрабрат да донесат решение или одлука за обновување на истите, зошто ќе си дојде и друг, и трет 11 октомври, а историјата ќе ја снема под силното влијание не недоветноста, како екстремно изразена особина при работењето на сегашното Министерство за Култура.

Културата, па според тоа и нејзините институции е или трансидеолошка или не е култура во комплетната смисла на зборот.

Општествената парадигма што треба да се отсликува преку Министерството за Култура на РМ, би требало да претставува слика и образ на општеството, кое со џиновски чекори мора, (не „би требало“) да излезе од сферата на идеолошкото и да навлезе во сферата на граѓанското, односно демократското.

На овој начин, преку стиропоризација на фактите, меѓу кои и следниов факт; Во музичкиот дел на прославата на празникот 11 октомври, каде фашистичкиот окупатор го снема од песната „А бре, Македонче“, а стиховите „нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине“ беа променети во „нека разберат душманите клети, македонско име нема да загине“ будите гнев кај народот, нула општа одговорност, и немање респект кон историјата, односно подметнување кукавичко јајце пред лицето на секој еден кој живее овде туку и на државите кои ја почитуваат Македонија.

Па мора да прашам, кои се душманите тогаш, госпоѓо Министерке?

Каде се принципите на идеолошката неутралност? Каде се принципите на континуитетот?
Не можеме сами ние да одлучуваме кој е фашистички и кој не е фашистички окупатор, кога вистината е напишана со крв на каменот и тлото на Македонија!

Доколку не го задржиме континуитетот наречен Македонија, се повеќе и повеќе ќе бидеме опкружени со културно естетски бламажи, камуфлажи со кои сме опкружени и демек заслепени?! Никој не е слеп. Се е разбудено. И старо и младо. Тука грешите.  

Каде е принципот на транспарентност?

Доаѓа нова парадигма во секоја една сфера. Нова парадигма во која треба радикално да се откорне паркетот, со цела една инфраструктура на забушавање да се изработи дадената задача или глумење недоветност од страв пред актуелните отворени непријателства кон Македонија, се со цел да можеме сите ние како граѓани да продолжиме напред и да создадеме добар темел за нашите поколенија.

И надокрај најважното, принципот на општата и конкретната одговорност за ваквото небитисување или одбитисување на историјата на Македонија, заедно со нејзините херои, кои сакале или не, тие постојат и нивното име нема да загине.

Нити огнот може да се прекрие со наметка нити срамната грешка со време.