70% Македонците се против преговарачката рамка со ЕУ

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

Мнозинството граѓани – 55,7% се против преговарачката рамка која Владата ја договори со Европската Унија и сметаат дека со тоа земјава се става во потчинета положба, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето само 28,1% од испитаниците даваат поддршка за преговарачката рамка при што Македонците и Албанците имаат сосема различни ставови.

Додека 70% од Македонците се против преговарачката рамка, дури 75% Албанци даваат поддршка. За преговарачката рамка се само 13,2% од Македонците, додека против неа се само 11,5% етнички Албанци. Најмалку граѓани против преговарачката рамка има во Полошкиот регион, а најмногу во Вардарскиот без Скопје и на Југоистокот, покажуваат резултатите од испитувањето.

Граѓаните се поделени и околу можноста да се преговара за нова рамка.

Од нив 37,1% сметаат дека тоа е можно, додека 36,4%, пак, сметаат дека репреговарање на преговарачката рамка не е опција. Тука нема некоја голема разлика меѓу ставовите на доминантните етнички групи. Кај Македонците 36,3% сметаат дека може, а 36,7 % дека не може повторно да се преговара за нова рамка. Кај етничките Албанци, 40,6% се на ставот дека е можно да се договори и нова преговарачка рамка, додека 34,9% дека не може – покажуваат резултатите од анкетата.