Владата додели концесии во заштитено подрачје за изградба на мали хидроелектрани

И покрај притисоците од јавноста и декларитивните заложби за заштита на животната средина, Владата оваа недела донесе одлука за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани, од кои повеќето во заштитени подрачја. На многу загрозени видови во земјава (како балканскиот рис и охридската пастрмка) веќе им се заканува исчезнување поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани, дури и во заштитени национални паркови.

Од реализацијата на ваквата стратегија најголема корист имаат компаниите кои добиваат загарантиран откуп на струја, меѓу кои како сопственици се јавуваат клучни политички фигури од власта и од опозицијата.

Анѓушев преку неговата компанија „Фероинвест“ е дел од конзорциумот кој доби концесија за 21 мали хидроелектрани. Меѓу другите, во негова сопственост е и една од хидроелектраните на Брајчинска река која го загрозува опстанокот на преспанската пастрмка. Мицкоски, пак, е сопственик на малцински удел во фирмата „Енерготек“, компанија која жители на Пехчево ја посочија како одговорна за уништување на природната средина во овој регион.

Екологиститe алармираат дека при издавањето на концесиите не се внимава на заштита на загрозените видови и воопшто на биодиверзитетот. За повеќето од хидроцентралите не е направена сеопфатна оценка на влијанието врз животната средина, туку за нив е потребна само студија (елаборат) за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола. Праксата упатува на тоа дека мониторингот врз хидроцентралите е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосно пресушување на водата во реките.