Работниците од Охис наместо живот-добија извршители

Секој вторник и петок, веќе 16 месеци по ред, поранешните работници на фабриката „Охис“ протестираат пред државните институции. Нема исплати за 24 плати кои им следуваат од работата во поранешното државно претпријатие „Охис” и покрај бројните средби одржани со претставници на Владата, од кои дел со министерката за правда Рената Десковска, вицепремиерот Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев, . Се работи за 24 плати на околу 1000 работници, од кои дел се веќе починати. Во меѓувреме, вчера Владата утврди зголемување од 5 проценти за бирократизираната и партизирана јавна администрација, чие зголемување повлекува дополнителни 10 милиони евра од буџетот до крајот на годината.

Од редакцијата на Антропол денес бевме на протестот и разговаравме со присутните работници. Тие повторно потенцираа дека си го бараат само сработеното и дека постојано извршители им стигаат на врата, додека Владата ги манипулира со бесцелни состаноци. „И покрај тоа што се доставени сите потребни документи до Владата, Народниот Правобранител, финансиската полиција и судството, се уште нема никаков исход“ изјави еден претставник од иницијативниот одбор.

Иако се обидуваат да покренат постапка и пред Јавното Обвинителство, претставниците ни изјавија дека имаат потешкотии да најдат адвокат, затоа што дел од адвокатите кои го воделе нивниот случај трпеле разни притисоци поради што биле приморани да се откажат. Работниците уште и се пожалија на постојанаta бирократизираност на која се изложени од страна на стечајниот управител, Сашко Трајкоски кој четири месеци не им дозволувал да извршат увид во предметот.

Исто така, преставник на Иницијативниот одбор ни изјави дека последната средба со народниот правобранител Иџет Мемети била во 2018 година, заедно со тогашниот министер без ресор (сегашен директор на Државниот земјоделски инспекторат), Зоран Шапуриќ. Работниците се сомневаат на притисоци врз народниот правобранител Мемети, затоа што откако на состанокот излегол на кратко со тогашниот министер Шапуриќ, целиот пристап спрема нив бил променет и после тој состанок, повеќе  не биле примени на средба. 

Работниците иако се разочарани од пристапот на новата влада и постојаните ветувања кои се пролонгираат (како со случајот на работниците од Еурокомпозит), тие се решени секој вторник и петок да протестираат, при што потенцираа дека секаква правна помош би им помогнала, затоа што се работи за огромен стопански криминал кој секоја влада досега се обидува да го заштити.   

Охис- Балкански гигант уништен од транзициската олигархија

Инаку, државното препријатие Охис важеше за македонски хемиски гигант во балкански рамки, холдинг во кој имаше 5 големи хемиски фабрики и уште 8 друштва, производител на артикли од базична хемија, инсектициди и пестициди, фамозната македонска „Билјана“, бои и лакови, е-стакло, преку цевки, гранулати, до козметика. Но, после распадот на Југославија, Охис не можеше да го издржи ударот на транзицијата, како многу други државни претпријатија кои легално беа украдени од работниците преку новопочената пост-југословенска олигархија.

Судбината на Охис не се разликува многу од останатите државни претпријатија кои на крајот беа уништени и распродадени за багателни цени. Од економски гигант кој го „переше” целиот Балкан, во новата пазарна економија ова претпријатие (нетипично за неговото работење) постојано работеше со загуба, поради што постојат сомневања дека ваквото нерентабилно работење намерно било предизвикано со цел конечна приватизација и влез на приватен капитал. 

Тоа и се случи. Во 2018 година „Хемиски инженеринг”, фирма од Скопје стана нов сопственик на дел од имотот на ОХИС, без имотот што дотогаш беше продаден во извршни постапки. Цената платена за тој дел од имотот беше 7,1 милиони евра, без ДДВ. Во Централниот регистер стои дека позади „Хемиски инженеринг“ стои извесен Горјан Максимовски и компанија од Јужноафриканската република „Стил ен прешур инженеринг“ (Steel and preassure engineering).

Ова име се среќава и во неколку други компании, како „Апаве“, „Институт за заварување -Југ“, „ДМБ“ позната како Димче Бањарот од Прилеп и „Монтинг “, фирми кои се спомнуваа како учесници во проектот гасоводна делница Клечовце –Штип. Работниците рекоа дека единствено што работи во хангарите се неколку помали бизниси кои го изнајмуваат просторот од новиот сопственик.