Левица: Министерот за образование Адеми повторно фатен во големо „владино прикривање”

Откако вчера „Лидер” го објави скандалот со лажниот докторат на советникот на претседателот Пендаровски, Александар Спасов, од политичката партија Левица го прашаа министерот Арбер Адеми зошто, и покрај започната постапка, не е одземена дипломата на актуелниот советник . Од Левица исто така побараа одговор зошто не е започната кривична постапка против поранешниот декан Борче Давитковски кој, според нив, извршил груба злоупотреба на службената должност.

Медиумот „Лидер” објави документи кои укажуваат на нерегуларности при докторирање на пет докторанти, од кои едниот случај се однесува на советникот Александар Спасов. Според објавените документи, во докторирањето на сегашниот советник биле констатирани повеќе неправилности, односно еден од членовите во комисијата го немал потребното звање и спротивно на законските норми, Спасов во неколку наврати ја менувал темата за одбрана на докторатот без притоа да добие дозвола од Наставно Научниот Совет. Во продолжение го пренесуваме во целост соопштението на политичката партија Левица.

„По избивањето на скандалот со сомнителниот докторат на советникот во Kабинетот на претседателот Пендаровски – доц. д-р Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, Политичката партија Левица јавно го повикува Министерот за образование и наука – Арбер Адеми, кој и самиот е избран за доцент спротивно на законот, да ѝ објасни на македонската јавност зошто, и после измината една година од официјалното Известување Ип1 бр. 09-1626 (од 16.11.2018) на Државниот просветен инспекторат:

(1) не ја довршил започнатата постапка за одземање на докторатот и на стекнатото наставно-научно звање и свесно не донел решение одземање на дипломата на инволвираните лица во скандалот;
(2) не поднел кривична пријава против одговорното лице во високообразованата установа, односо не презел чекори за правно гонење на тогашниот декан проф. д-р Борче Давитковски – со што постапил спротивно на чл. 205 од Законот за високо образование (2018) и извршил груба злоупотреба на службената положба и овластување.

Воедно, го повикуваме инволвираното лице од Кабинетот на Претседателот, кој воедно е и син на еден проминентен професор-социјалдемократ и важи за дел од т.н. академско крило на владејачката СДСМ, да поднесене неотповиклива оставка на функцијата – Надворешен научен соработник за надворешна и внатрешна политика, со цел да овозможи независно окончување на постапката, без сомнеж за можни партиски влијанија и политички притисоци во текот на процесот.”