ЛЕВИЦА: Работниците од прилепски Еурокомпозит повторно изиграни од Владата
Во целост ви го пренесуваме соопштението на политичката партија „Левица”.
Во екот на скапата референдумска кампања, додека владејачката партија масовно пропагира и ветува правна држава, подобар живот и еднаков просперитет за сите, повторно работникот е заборавен и оставен на маргините да преживува. Владата предводена од СДСМ уште еднаш го прекрши своето ветување за исплата на 16 неисплатени плати на работниците од прилепската фирма „Еурокомпозит”, со што се надоврза на целокупното нејзино владеење базирано на празни ветувања за социјална правда, непотизам и корумпирани скандали. Покрај нерешениот проблем со неисплатените плати и придонеси, деновиве беше објавена информацијата дека поради долг наследен од претходното раководство е исклучена струјата во претпријатието, со што работниците се приморани да седат без работа. Првично најавениот протест со шатори кој требаше да започне денес е одложен, откако вицепремиерот Кочо Анѓушев се согласи на повторна средба со претставници од работниците.
Очигледно продолжува традицијата воспоставена од претходната влада на ВМРО -ДПМНЕ со која ова претпријатие служи само за расипничко збогатување на партиските директори преку разни корумпирани зделки, додека на работниците им е ускратено основното право на достоинствен живот! Иако работниците од претставниците на Владата директно побараа финансиска ревизија на досегашното работење на претпријатието, Владата предводена од СДСМ континуирано намерно го игнорира ова барање за да ги заштити своите бизнис интереси и интересите на своето членство.
Оваа влада составена од бизнисмени и претставници на капиталот не ги штити правата на работниците, што екплицитно се гледа од манипулациите и измените во врска со ветувањата за минимална плата, нормираниот учинок и последното во низата, изневерените работници од „Еурокомпозит”. Единствено преку ефективно организирање во синдикати и работнички партии работниците можат да се изборат за своите права.