[ЕКСКЛУЗИВНО] Инспекторот Илиевски со отворено писмо до Пендаровски

Откако инспекторот Ѓорѓи Илиевски на последната прес-конференција обвини дека врз него се врши мобинг диригиран од премиерот Заев и министерот Спасовски, денес до редакцијата на Антропол пристигна писмо од инспекторот Илиевски преку кое се обраќа до претседателот Пендаровски и правната фела. Во продолжение го пренесуваме писмото во целост.

Почитувани,

Во последниве неколку месеци македонската Влада, и другите државни институции како и македонската јавност беа запознати, преку медиумите и порталите за незаконските унапредувања на јавни,  односно државни, функционери во наставно-научни звања, како што се актуелниот Министер за образование и наука, м-р Арбер Адеми, од асистент во наставно-научно звање доцент, заменик Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, од доцент во вонреден професор и Директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули, унапреден од асистент во доцент и вонреден професор, на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово.

Направените незаконски  унапредувања се извршени во периодот на 2016/2017 година ( и порано) согласно Законот за високо образование од 2008….2016 година. И покрај мирување тие склучувале Договори за интелектуални услуги со надоместок, кој е спротивен на тогашниот Закон за високо образование и  член 151 од Законот за работни односи, што преставува злоупотреба на службената положба на овие функционери. Исто така, овие министри правници знаат дека ваквото унапредување е противуставно (нека прочитаат) соглсно член 52 став 4 од Уставот, цитирам: „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е поволно за граѓаните.“ согласно Уставната гаранција на основните слободи и права. 

За ваквите уставни незаконитости, беа запознати нашите домашни институции пред се Државната комисија за спречување на корупцијата, Основното јавно обвинителство, Државната финасиска полиција, Државниот управен инспекторат, Инспекцискиот совет, МВР (Министерот Оливер Спасовски), Владата (Премиерот Зоран Заев). Не само што Премиерот ништо не се превзеде и ништо не превзема, туку бев искаран и ми беше укажано посебно него дека се е законито. Па, затоа, ми следеше дисциплинска постапка и намалување на моето инспекторско просветно звање, од раководител-Виш инспектор во одделението за инспекциски надзор во високото образование во Советник-Државен просветен инспектор за основно и средно образование. Следат постапки пред Второстепена комисија при Агенцијата за админстративни службеници. Исход уште нема! Ова е порака за сите инспектори што ќе се случи ако работаат законито и не се потчинат на авторитетите.

Но, почитувани од правната фела во Македонија и Пенадаровски, Вие треба да бидете бранители на уставот и законите во Македонија, а од вас нема ни глас ни крик за непочитување на правото, уставот и законите во нашава држава. Туку има политичко решавање на правните процедури. И реваншизми.

Затоа, почитувани од правната академска фела во Македонија,  бев принуден да ги запознаам амбасадите на Франција, Холандија, канцеларијата на Европската унија во Македонија, а деновиве прием ќе имам во Германсата амбасада и, очекувам, и Американската амбасада.

На оние кои ги посетив  и запознав им беше укажано за незаконското унапредувања во наставно-научни звања на јавните-државни функционери во Владата, инволвираноста на премиерот Зоран Заев, владеењето на  политиката, наспроти владеење на правото, посебно, донесениот нов Закон за високо образование (08.05.2018г) од Министерката Рената Дескоска не само што е политички, неразвоен, противуставен, туку и не-европски. Како што европските експерти ми посочија, вакви унапредувања нема во европската практика. Именуваните јавни функционери мора професионално да си ја обавуваат својата функција, а не да им биде хоби.

Почитувани, да бидам поконкретен, Вие како професори од академската фела од правото, а тука е и Пендаровски, очекувам да се одважите и го кажете Вашето мислење, вашето правно европско знаење од правото, за кои им предавате на студентите. Поставените избрани јавни одосно државни функционери, Претседателот на државата, Министри, Пратеници или Директори, каде што нивниот  работен однос им мирува, должни се професионално да си ја обавуваат својата избрана јавна односно државна функција. Тоа го бара највисокиот законски акт Уставот.

Имено, согласно член 83 став 1 од Уставот на Македонија: Должноста на Претседателот на Републиката (на Пендаровски неговиот работен однос му мирува на Американ колеџ универзитетот во Скопје) е „…неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија“. Согласно член 89 став 1 од Уставот на Македонија: Функцијата претседател на Влада (Зоран Заев) и министер (Арбер Адеми, Агим Нухиу, Рената Дескоска…) е „…неспојлива со вршење на други јавни функции или професии“. Ова е превземено и преточено во  Закон на Влада – организација и начин на работа каде што стои: „Министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен  за спроведување на законите и другите прописи“. Напред наведеното важи и за пратениците член 63 став 5 од Уставот на Македонија  каде што стои: „Со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии“.

Но, почитувани наши правни експети, Уставот не се почитува, па донесени се закони противуставно. Ќе го наведам конкретниот пример со новиот Закон за високо образование донесен на 08.05.2019 година, во период кога Министер беше Рената Десковска, само да знаете дека овој закон (наведов, не е развоен туку  е полош од предходниот) со донесените членови од законот и тоа член 174 став 8 и 9 каде што при мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничко звање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус на студии без финансиска надомест, како и став 9 од истиот закон кој предвидува лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно,  или наставно, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност. Згора на тоа, во членот 176 од Новиот Закон за високо образование став 3 последната реченица е, цитирам : „На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“. 

Донесените вакви членови и ставови се политички и лични на Министерката Рената Дескоска која е  професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ-Скопје. Значи конкретно МинистеркатаРената Дескоска, Арбер Адеми, Агим Нухиу има и други, ќе бидат Министри, Пратеници и ќе вршат целосни активности на својот факултет и ќе се унапредуваат. Токму на  ова имаа забелешки странските експерти со кои разговарав и велат дека вакво нешто нема во европска пракса. Ставовите велат дека се политички и спротивни на највисокиот законски акт – УСТАВОТ. Го поставуваат прашањето: Дали именуваните јавни функционери министри, пратеници, директори професионално ќе ги вршат своте законски активности или  ќе им преставува хоби. Вака поставено велат е хоби. Тоа е нонсенс и непознато во европските практики. 

Затоа почитувани од правната фела во Македонија, искажете се, произнесете се. Зошто молк, зошто се усвојуваат закони во Македонскиот парламент, противуставно со владеење на политички правни процедури, а невладеење на правото?

Ова, почитувани академски правни експерти,  е скандал, странските експерти (кажав) се чудат. Јас ќе додадам дека не само што е скандал,туку е противуставно.. Ова ќе биде и повод да поднесам иницијатива до Уставниот суд за неуставноста на новиот Закон за високо образование и неговата примена и злоупотреба. Како и целосно запознавање на странските амбасади за кои се закажани за септември.

Ќе завршам со, односно ќе го парафразирам, францускиот амбасадор во нашава држава, Кристијан Тимоние: „…да се посветиме на законитоста, и да профункционира правната држава за сите еднакво, на борба против корупцијата, а со самото тоа ќе дојде и она што е стремеж на вашата  држава…“. Се во интерес на мојата држава.

Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор