За „заедничката” држава на Димитров

Државата, тоа е вечниот капитал на власт.

Димитров во срцепарателен, очаен статус кога на јавноста ѝ стана јасно за циркусот на оваа власт, се обиде да нѐ „окуражи” дека сите ние мораме да се бориме за Македонија да е подобро место за живеење. Дури и со зачудувачки генијална мисла нѐ утеши дека сите сме имале иста одговорност и сите ние сме биле „државата”.

Ништо повеќе од банално релативизирање на вечен привезок на елитистичките партии и пионче на меџународната, чија послушност е добро наградена со луксузен живoт, имоти во странство и државни стипендии на скапи универзитети. Сѐ она што е незамисливо и во два животи за обичните граѓани (кои види богами) биле исто така дел од државата. Оние граѓани чиј глас не можеше да стигне до портите на парламентарната бирократија кога се разграбуваше солидарно градениот имот од политиканти по теркот на Димитров. Истите граѓани чиј глас не се слушаше кога со амнестирани криминалци се менуваше уставно име и се силуваше историјата на еден антифашистичи народ за политиканти по теркот на Димитров да го испорачаат ветеното пред нивниот господар – меџународната заедница.
Овие исцедени граѓани кои умираат од неухранетост, гола експлоатација и увоз на фалш лекови заради тоа што политикантите како Димитров ја распарчија и претворија државата во своја приватна своина за исцицување енормни привилегии и ненормални луксузи.

Ние не живееме во иста држава, затоа што нашето не е живот, туку голо преживувавање, на сметка на вашето аздисување, луксузирање и распродавање на сите добра во чие создавање ниту сте учествувале. И ние не делиме никаква заедничка одговорност со вас. Ние, за разлика од вас, мачно и солидарно сме ги создавале и граделе патиштата, фабриките, болниците и чесната историја на оваа држава. Додека вие, подмитени политикантски мивки, кои една цигла немате поставено, еден пат немате изградено, една нива немате посадено, безобразно и гнасно ја уништувате и приватизирате за шака долари „заедничката” држава за која со ништо не сте допринеле.

И не историјата, туку народот нека ви пресуди за заедничката одговорност кон оваа наша мала напатена „заедничка” држава.

Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица.